Линкови за пристапност

Граѓаните бараат одговорност за убиството на Нешковски


Граѓаните бараат одговорност за убиството на Нешковски
Граѓаните бараат одговорност за убиството на Нешковски

Главно млади луѓе со денови протестираат на улиците на Скопје

„Убиството на младо човечко битие кое се случи на 6-ти јуни 2011 година во Скопје на плоштадот Македонија не` обедини сите нас да излеземе на нашите улици, бидејќи се чуствуваме директно повикани да го заштитиме правото на живот, безбедност и директно учество во демократијата“, се вели во протестното барање кое до Министерството за внатрешни работи го упатија граѓаните на Скопје и на Македонија, главно млади луѓе, по повод убиството на 22-годишниот Мартин Нешковски. Полицискиот специјалец Игор Спасов е осомничен дека минатиот понеделник, ноќта кога се прославуваше изборната победа на ВМРО-ДПМНЕ, до смрт го претепал Нешковски.

„Ние, граѓаните на Република Македонија огорчени од бруталното убиство на Мартин Нешкоски од Скопје, здружени и невооружени, јавно го изразуваме револтот против нечовечкото однесување на припадниците вработени во МВР. Полициското насилство и непрофесионално однесување на службите на народот чија основна задача е заштита, а не репресија, претставува сурово нарушување на универзалните човекови права“, пишуваат младите граѓани кои со денови протестираат на улиците на македонскиот главен град, барајќи правда, расветлување на причините за грозоморното убиство, забрана за вработување на лица во МВР кои имаат криминално досие и се одговорни за дела од сферата на насилниот криминал, како и одговорност на надлежните органи.

Една од точките во барањето е и оставка на сите директно одговорни лица во МВР, „заради нехумано и неодговорно вршење на функцијата, а особено на министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска и помошникот министер за Односи со јавноста при МВР, Иво Котевски, во рок од седум дена“.

Покрај целосното почитување на универзалните човекови права од сите институции на системот, одговорноста и целосното расветлување на случајот, со доставување на комплетната доказна документација до судските органи и утврдувањето на кривичната одговорност и санкција за сторителот на убиството, младите луѓе на скопските улици низ мирни протести и маршеви бараат и „утврдување на кривична одговорност и санкција за сите одговорни лица кои со неодговорно вршење на јавна функција и пропусти во вршењето на функцијата, со неспречување на казнивото дело и со груб обид за прикривање на настанот, доведоа до загрозување на безбедноста на граѓаните, загрозување на почитувањето на основните слободи и права на човекот и граѓанинот гарантирани со Уставот на Република Македонија, законите и ратификуваните меѓународни конвенции и договори“.

Мирните демонстранти бараат и замена на Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди во МВР со независен систем на контрола на работата на МВР (по препорака на сите извештаи кои упатуваат на формирање независна цивилно тело за контрола), зголемена контрола над работата на МВР преку задолжително правно регулирање на начинот на објавување на годишниот јавен извештај на МВР, односно формирање на правно тело кое ќе се грижи за отворено учество на заинтересираните граѓани.

Барањата на младите лица кои девет дена протестираат против полициската бруталност стигнаа до надлежните. Ги примија Народниот правобранител и Јавното обвинителство, претседателот на Македонија, но и ОБСЕ.

„Ние и натаму продолжуваме секој ден на улиците како што го правевме тоа досега, се` додека нешто не почне да се менува во ова општество, односно нема да запреме тука само со доставување на овие претставки и понатаму и петицијата до институциите, се` додека не почувствуваме дека во државата има промени“, изјави еден од демонстрантите.

Министерството за внатрешни работи, пак, тврди дека се споведени сите со закон предвидени чекори за утврдување на индивидуалната одговорност на сторителот на убиоството и смета дека судот во фер постапка треба да ја утврди и кривичната одговорност и санкциите за припадникот на сепцијалната единица „Тигар“ Игор Спасов.

МВР одговори на барањето на граѓаните кои со денови протестираат по повод убиството на Mартин Нешковски, елаборирајќи им ја во 11 точки својата работа. Министерството смета дека во случајот нема политичка одговорност, зашто се работи за трагичен настан чиј сторител сноси индивидуална одговорност и случајот не треба да се користи во политички цели. За разлика од граѓаните, МВР не смета дека треба да одговараат и полицајците во цивил и униформа кои по смртта Нешковски го пронашле телото и не го задржале специјалецот кој избегал, но остава простор во понатамошната истрага по барање на истражниот судија да се спроведе кривичен прогон за лица за кои постои сомнение за прикривање на инцидентот.

МВР не го отфрла барањето за формирање посебно тело кое наместо внатрешната контрола на МВР би вршело независна контрола на работата на полицијата, со став дека за барањето кое било дел од програмата на опозициониот СДСМ треба да решава Собранието.

МВР се повикува и на експерти за човекови права кои, според Министерството, сметале дека забраната за вработувањето на извршители на кривични дела во полицијата е дискриминаторска и дека секој по издржаната казна треба да биде еднаков со другите граѓани.

Во соопштението со наслов „Непрофесионалците упорно го рушат угледот на целата полиција и шират страв и чувство на несигурност кај граѓаните во Република Македонија“, и Хелсиншкиот Комитет за човекови права на Република Македонија го поддржа „и начинот на изразување на револт и незадоволство, и барањата на младите луѓе кои го кренаа гласот против бруталноста и насилството на поединци од државните институции и срамната поддршка и прикривање на злосторството на тие поединци, од страна на највисоките претставници на тие институции“. Според ХКМ, „незамисливо е во една демократска држава, кандидат за членка на Европската Унија, помошник-министерот со дезинформирање на јавноста да стане соучесник во убиство на младо момче а притоа да не се побара негова одговорност“. Комитетот смета дека последното убиство е аларм дека дека контролата врз полицијата мора во себе да го содржи и граѓанскиот сектор, заради обезбедување на поголема транспарентност и независност на механизмот.

XS
SM
MD
LG