Линкови за пристапност

Македонија го празнува Божиќ


Македонија го празнува Божиќ
Македонија го празнува Божиќ

Централното одбележување на Божиќ беше во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје, каде што поглаварот г.г. Стефан ќе богослужеше Златоустова литургија

„На сите граѓани на Република Македонија кои го слават Христовото раѓање – Божик, им посакувам многу среќа, радост и успех во животот. Овие се моменти кога сите си посакуваме да бидеме многу посложни, многу сплотени, како што вели нашата традиција, тогаш во тие моменти можно е да се исполнат сите наши цели што сме ги поставиле пред нас. ,Сакам на сите православни христијани со традиционалниот поздрав „Христос се роди!“, да им посакам многу среќа и радост во животот“, изјави претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов по повод најголемиот христијански празник Божик, кој православните христијани во Македонија денес го празнуваат.

„Честит Божик! Христос се роди! Честито и од Бога благословено Новото Лето!“, се вели во Божиќната порака на поглаварот на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија, г.г. Стефан, упатена до сите православни верници во Македонија и во дијаспората, до свештенослужителите и до монаштвото.

„Во тајната на вплотувањето се откри сета тајна на љубовта Божја, која дојде во светот и ги донесе мирот и добрата волја. Така, тајната на Рождеството е прославување на љубовта Божја. Пред таа тајна, возљубени, да се поклониме и ние и да учествуваме во радоста дарувана за сите времиња“, им порача Архиепископот Охридски и Македонски на сите верници кои низ градовите на Македонија и меѓу иселениците на сите континенти, денес го чествуваат најголемиот христијански празник Рождеството Христово, во сите храмови на МПЦ-ОА во кои се одржаа божиќни литургии.

Централното одбележување на Божиќ беше во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје, каде што поглаварот г.г. Стефан ќе богослужеше Златоустова литургија, на која присуствуваа претседателот Ѓорге Иванов, премиерот Никола Груевски и претседателот на Собранието Трајко Вељаноски.

Премиерот Груевски на православните верници им порача: „Да имаме напредок, сплотеност и државата да ни оди напред, да одиме сите напред. Му посакувам на секого се` најдобро. Христос се роди, навистина се роди!“.

Претседателот на Собранието Вељановски и` посака просперитет на Република Македонија „бидеќи граѓаните тоа го заслужуваат.

„Ние како политичари треба да придонесеме за просперитетот на Република Македонија и на нејзините граѓани. Христос се роди, навистина се роди! За многу години нека ни е празникот!“, порача Вељаноски.

Традиционално, по литургијата, државниот врв беше на гости кај поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан, кој организираше Божиќната трпеза.

По 40-дневниот пост кој заврши со посната вечера на Бадник, православните верници во Македонија, како и оние во Србија, Црна Гора, Русија, Египет и Сирија, но и православните христијани од тие држави секаде низ светот, традиционално денешниот празник посветен на љубовта и семејството, го прославуваат во своите домови, според традиционалната поговорка: „Пред Божик, зад Божик - дома да си“.

XS
SM
MD
LG