Линкови за пристапност

Оставка на амбасадорот Никовски


Оставка на амбасадорот Никовски
Оставка на амбасадорот Никовски

Не сакал неговите лични ставови да му наштетат на претседателот и на државата Македонија

Поранешниот македонски амбасадор во Британија, Албанија и Русија Ристо Никовски поднесе писмена оставка од функцијата член на Советот за меѓународни односи на претседателот Ѓорге Иванов.

Иако според дел од медиумите во Скопје, по последните јавни настапи на амбасадорот се очекуваше претседателот Иванов да го повлече првиот потег, Никовски својата самоницијативна одлука ја образложил во писмено обраќање до претседателот. Според кабинетот на Иванов, Никовски во писмото пишува дека не сакал неговите лични ставови да му наштетат на претседателот и на државата Македонија.

Во понеделникот во својата редовна колумна во „Нова Македонија“ - со наслов „Фуере, Рикер и сличните, што побргу да си отидат. Ако може и без поздрав“, амбасадорот Никовски потенцираше дека САД не се стратешки партнер на Македонија и дека вршат притисок за Македонија да се прекрсти и обезличи. Поради тоа Никовски во колумната поентира дека е „крајно време да се соочиме со вистината“.

„Некои се самозалажуваат, други пропагираат дека САД се наш стратегиски партнер. За жал, не е така. Тие не се наш, туку ние нивни. Подготвени сме да гинеме за нивните каузи во Авганистан и Ирак и (речиси) ништо не добиваме за возврат. Освен инсистирањето да се прекрстиме. Ако националниот идентитет на македонскиот народ е сериозно загрозен, а САД се главниот поборник да се самообезличиме, во што е нивното партнерство? САД се клучни и за блокадата и уцената која ни ја испорачува НАТО - или ќе се прекрстите, или нема членство. Кога би биле тие против таквиот пристап, нашата позиција би била сосема поинаква. Оваа американска политика е дијаметрално спротивна од таа на Буш. Зошто им пречиме на САД?“, се прашува Никовски во колумната.

Никовски во колумната жестоко го критикува и донеодамнешниот евроамбасадор Ерван Фуере, тврдејќи дека тој „го потпиша и познатото писмо, заедно со Рикер и други слични на нив, во кое македонскиот јазик, со апсолутно прецизна намера, го прекрстија во `државен`. Повторно кршење на Уставот, за што се протерува”.

И утредента, во вторникот, Никовски во разговорот за ТВ А1 ги критикуваше САД и работата на амбасадорот Рикер, тврдејќи дека американскиот амбасадор се меша во внатрешните работи на Македонија поради што треба да биде прогласен за персона нон грата.

„Не може да се каже дека името не е идентитетот, идентитет без име нема, тоа значи дека на тоа клучно прашање, преку кое се реализираат блокади и уцени во врска со нашето интегрирање во евроатланските интеграции. Значи дека САД се на страната дека ние треба да се прекрстиме и дека само така можеме да ги отвориме нашите перспективи“, изјави Никовски.

Американската амбасада во Скопје и Стејт департментот реагираа дека политиката на САД за спорот со името е конзистентна и непроменета, а шефот на македонската дипломатија Антонио Милошоски за настапите на Никовски го изнесе ставот на Владата дека се работи за индивидуално мислење кое не ја одразува официјалната позиција на државата, односно дека САД се стратешки партнер и сојузник на Македонија.

XS
SM
MD
LG