Линкови за пристапност

Сеќавања, тага и истрајност на „граунд зиро“


Сеќавања, тага и истрајност на „граунд зиро“
Сеќавања, тага и истрајност на „граунд зиро“

За многумина Американци, тагата но и истрајноста и натаму ги проткајуваат сеќавањата на 11-ти септември 2001-ва

Улиците околу „Граунд зиро“ во Њујорк овој 11-ти септември беа раздвижени, но и со жалост по загинатите. Илјадници се собраа на комеморацијата по повод деветгодишнинатата од терористичките напади на 11-ти септември.

Пожарникарите од Единицата број 7 стојат мирно додека одекнуваат ѕвоната во знак на сеќавање на нивните колеги кои загинаа обидувајќи се да спасат други.

За пожарникарот Роко Анџело Кочиоло, ова е длабоко емотивен момент:

„Тажен сум. Тука загубив 343 браќа, тој тажен ден пред девет години. Дојдов да ги кажам молитвите и да му заблагодарам на Бога дека се` уште сме тука и да се молиме за нивните семејства и никогаш да не заборавиме. Се` додека сум жив, ќе бидам тука за 11-ти септември“.

Нема да заборави ниту Франк Маркиз од Лос Анџелес, Калифорнија. Веднаш штом слушнал за нападите, дал отказ на работното место и заминал за Њујорк да работи како доброволец. Останал седум месеци, помагајќи им на пожарникарите кои деноноќно беа на урнатините:

„Ова се мои пријатели. Им носев храна и ги возев до пожарникарската зграда. Ова се мои браќа, пожарникарите и полицајците на Њујорк, првите кои одговорија на нападите. Станавме семејство. Ме земаа под крило и ме почестија со тоа“.

Маркиз вели дека искуството му го сменило животот од корен:

„Без оглед што здравјето ми се наруши – имам последици од отровните материи од урнатините. Но, тоа ништо не ми значи, тоа е цената што ја плаќате кога преземате ризик. Знаев што ме очекува кога дојдов тука. Оставив се` што беше мојот дотогашен живот и дојдов во Њујорк. Стопирав. Ми требаше недела да дојдам тука. Веднаш дојдов на урнатините и започнав да подавам кофи. Луѓето велат – појди напред. Не одите напред од нешто како ова. Се носите со него секојдневно, најдобро што знаете“.

Блиску до „граунд зиро“, Сем Манделбаум од Тексас ноаѓа и утеха, и конфронтација на саботната церемонија на која се оддаде минута почит, беа прочитани имињата на загинатите, а дојдоа многумина:

„Ова е можност да се залечат раните. Минаа девет години, што не е толку долго. Но, кој и да дојде на ова место, мора да се соочи со гинењето тој ден, гинењето што се случи потоа поради тој ден, начинот на кој светот се смени. Мојата реакција на сето тоа е прифаќање на реалноста“.

На Бонита Ментис се` уште и` е тешко да прифати што се случи со сестра и` Шевони, која загина во нападите:

„Некои луѓе се помирија со тоа што се случи затоа што ги најдоа телата на своите најблиски кои загинаа. Ние не го најдовме нејзиното тело. Се` уште ни е тешко. Таа беше прекрасна сестра, ќерка, тетка. Имаше само 25 години, студент, со големи соништа. За жал, не ги исполни“.

Роберт Мулеро работел и живеел близу „граунд зиро“:

„Се` видовме: зградите паднаа, луѓето скокаа од прозорците, го почувствуваме тресењето, го видовме хаосот. Луѓето избезумени прашуваа за своите најблиски кои работеа во зградите. Не појдов дома таа ноќ – бев уплашен. По 11-ти септември, забележав како сите сакаа да си помогнат еден на друг: бев во бар во Њу Џерси и еден ми понуди пари, храна, место за преспивање. Ме праша дали треба да се јавам на телефон? Реков – да, сакам да се јавам кај сестра ми. Таа веднаш започна да плаче. Ќерката на братучетка ми загинала – се задушила заглавена во лифт. Се чувствував загубено. Не треба да се случи да погребате свои деца“.

За многумина Американци, тагата но и истрајноста и натаму ги проткајуваат сеќавањата на 11-ти септември 2001-ва.

XS
SM
MD
LG