Опозиционите републиканци презедоа контрола во Претставничкиот дом од Демократската партија на претседателот Барак Обама. На победата на конгресните избори се гледа како на одраз на незадоволството на граѓаните поради лошата економска ситуација и владините трошоци.
Републиканските кандидати освоија најмалку 60 места, многу повеќе од 39-те потребни за контрола на Претставничкиот дом. Републиканците во ова тело ветија дека наредната година ќе спасат 100 милијарди долари преку намалување на владините трошоци на ниво од 2008-та година, и тоа за се`, освен програмите за армиските сили, воените ветерани и постарите граѓани.
Републиканците добро минаа и на изборите во Сенатот, но демократите успејаа да задржат тесно мнозинство во ова тело.
На местото на демократката Ненси Пелоси, како нов претседател на долниот конгресен дом најверојатно ќе дојде досегашниот водач на републиканското малцинство во Претавничкиот дом Џон Бонер. Тој коментираше дека резултатите од изборите претставуваат отфрлање на политиката на претседателот Обама и демократите.
Бонер синоќа пред симпатизерите во победнички дух изјави „од вечерва започнуваат промени“. Обама телефонски му честиташе на Бонер на републиканската победа и порача дека сега мора да најдат заедничка основа „за да ја завршат работата во полза на американскиот народ“.
Републиканскиот напредок на овие избори секако ќе се одрази на политиката на Белата куќа, бидејќи се очекува дека со новиот сооднос на силите во Конгресот на Обама ќе му биде потешко да ги протурка иницијативите од својата политичка агенда низ Конгресот.
Во Невада, каде преживеа тесна битка за своето место, водачот на демократско мнозинство во Сенатот Хари Рид вети дека продолжи да се залага Америка да оди напред. Тој извојува тесна победа против републиканката Шерон Енгл, поддржана и од конзервативното движење „Ти парти“.
На изборите се гласаше за сите 435 места во Претставничкиот дом и 37 од вкупно 100-те во Сенатот.
Економијата беше главно прашање за гласачите на овие избори, а според објавените анкети, многумина Американци имаа негативно мислење не само за Обама, туку и за обете партии. Стапката на невработеност од близу 10% и економските проблеми со кои Американците секојдневно се соочуваат придонесоа за подем на републиканците. Значаен чинител беше и „Ти парти“ со кампањата за пониски даноци и кратење на владините трошоци.
Синоќа се одржаа и избори за гувернери во 37 сојузни држави. Од позабележителните резултати, републиканката Ники Хејли стана првата жена на оваа функција во Јужна Каролина, а сопартијката Сузана Мартинез - првата жена со латиноамериканско потекло на истата функција во Ново Мексико.