Американскиот Сенат даде зелено светло за Законот за реформи во финансискиот систем на земјата.
Повеќето демократи ја поддржаа мерката што претставува најголема промена на финансиските регулативи со децении наназад. Од друга страна, против неа гласаа повеќето републиканци.
Демократот Крис Дод, еден од поддржувачите на легислативата, рече дека таа значи оти САД нема никогаш повеќе да минуваат низ потешкотиите како во последната финансиска криза.
Водачот на републиканското малцинство во Сенатот Мич Меконел, пак, изјави дека законот нема да функционира и дека повеќето Американци се против неговото усвојување.
Портпаролот на Белата куќа Роберт Гибс смета дека реформите ќе ги исправат проблемите причинети од финансиската криза и оти претседателот Обама со нетрпение чека да ја потпише мерката со што ќе стане закон.
Легислативата ја заострува контролата врз банките, овозможува надзор на сложени трансакции наречени деривати и нуди нова заштита на потрошувачите. Со неа е пропишан и процес за преземање на контролата во финансиските фирми пред колапс и нивна продажба. Ова се однесува на компании кои се толку големи што ако пропаднат, можат да и` наштетат на економијата.