Линкови за пристапност

Протестен митинг на СДСМ пред Владата


Протестен митинг на СДСМ пред Владата
Протестен митинг на СДСМ пред Владата

Црвенковски го повика Груевски да го прифати предизвикот за ТВ соочување со него или да замолчи и да се повлече од политиката

„Животната желба на Никола Груевски била да стане Бранко Црвенковски. Можеби човекот навистина сакал, ама желбите се едно, а можностите се сосема друго. Еве ја конечно шансата - Никола, еве, најпосле, имаш прилика да ти се исполни сонот да застанеш рамо до рамо до мене! Направи го истото што го направив и јас - откажи се од власта, откажи се од државните функции. Ајде јас и ти заедно да ја спасиме Македонија и од Грујо и од Бранко“, му порача на премиерот Груевски лидерот на опозицијата, на протестниот митинг пред Владата, на кој во неделата вечерта според проценките наорганизаторите присуствуваа од 60 до 70 илјади граѓани од цела Македонија.

И покрај неколкуте досегашните избегнувања на Груевски на директните соочувања со политичките притивници, Црвенковски повторно го повика лидерот на владеачката партија на ТВ дуел. „Јас и ти, со сите наши одлуки, со сите наши грешки, со сите наши гревови - пред целата македонска јавност - па народот нека оцени кој е патриот, а кој е предавник, кој градел, а кој растурал држава...Никола, или прифати го овој предизвик или замолчи на оваа тема засекогаш. Немаш право повеќе да зборуваш!“

Според Црвенковски, гласањето на предвремените парламентарни избори на 5-ти јуни „ќе биде историски избор дали ќе ја биде Македонија или нема и затоа не смее да има неопределени!“. Лидерот на СДСМ е убеден во победата на опозицијата. “Мора да победиме и ќе победиме, затоа што не може една мала група на луѓе, да си ги лечи своите лични комплекси и фрустрации преку грбот на цел еден народ, на два милиони граѓани на оваа земја! Мора да победиме и ќе победиме, затоа што мора да запре осиромашувањето на македонскиот граѓанин, затоа што имаме рекордна невработеност, затоа што секое трето семејство живее во беда и се бори за гол живот, затоа што бронзата од спомениците не се мачка на леб и со неа не можат да се нахранат гладните усти!”

Според Црвенковски, “четири милијарди и триста милиони евра ќе мора да ги враќаat сите Македонци, секое семејство, секој човек”, зaтoa штo “законската формулација, злосторничко здружување за стекнување на противправен имот и корист е како измислена за Груевски и фамилијата. Затоа што од криминалци направија полицајци, од новинари - деликвенти, од чесни млекари - дилери со дрога, од вредни тутунари - силеџии. Мора да победиме и ќе победиме!”, порача Црвенковски. Според него, победата на СДСМ е неизбежна затоа што власта “секој свој криминал од јарболи, преку споменици, до музеи на вода, ни го продаваат како патриотизам, затоа што секоја своја глупост од Хунзите, преку колективни ДНК анализи до бунарот во Паљурци ни ја прикажуваат како борба за национален идентитет” и затоа што “за нив човечките животи не значат ништо, гинат работници, се плаќа данок во крв, само за да може Груевски да исече уште некоја лента пред избори“.

Кандидатот на СДСМ за иден премиер Радмила Шекеринска на присутните им порача дека прифатиле обврска „да ја направиме Македонија држава во која слободно ќе дишеме, во која слободно ќе кажуваме што мислиме, држава која нема да се плаши и држава која ќе каже - Европа сега и веднаш, а не Европа утре или никогаш!” Според неа, “власта на заминување ќе продолжи да игра валкано, такви биле, такви ќе останат. Ќе продолжат да играат валкано со вас, ќе играат валкано со нас, ќе играат валкано со цела држава… Почитуван пријателе, ти кој се уште мислиш, дали вреди да се излезе и да се гласа, кој можеби седиш дома и се прашуваш дали политиката нешто може да промени. Почитуван пријателе, политиката е премногу сериозна работа, за да им ја оставиме на оние кои играат валкано“, изјави Шеќеринска.

Протестот на СДСМ кој се одржа во предвечерие на кампањата, затоа што на партијата не и беше дозволено да одржи промотивен митинг на своите кандидати за пратеници на градскиот стадион во Скопје, помина мирно и без инциденти.

Инаку, во неделата на полноќ и официјално започна изборната кампања на политичките партии за предвремените парламентарни избори. Партиите, коалициите и независните кандидати кои се пријавија за учество на изборите, ќе имаат 20 дена ќе ги претстават своите програми. Изборите ќе бидат спроведени според пропорционалниот модел во шест изборни едниници на територијата на Република Македонија и три за македонските граѓани кои живеат во странство. Изборите ќе ги набљудуваат 332 претставници на Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права - ОДИХР и 3.500 на граѓанската асоцијација МОСТ.

ДИК го утврди и редоследот на коалициите и политичките партии на гласачкото ливче за предвремените парламентарни избори. Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ на гласачките ливчиња ќе биде под реден број пет, а СДСМ и нивната коалиција под реден број десет. Прва на гласачките ливчиња ќе биде Нова демократија, а последна 18-та партијата Обединети за Македонија.

XS
SM
MD
LG