Линкови за пристапност

СДСМ го напушти парламентот

  • Синиша Станковиќ
  • известувач Скопје

СДСМ го напушти парламентот

„Во Република Македонија дефинитивно умира демократијата!“ изјави лидерот на опозиционата НСДП, Тито Петковски, чија партија исто така од денеска ќе ја бојкотира работата на Собранието. Како одговор, министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска го пренесе ставот на ВМРО-ДПМНЕ: „Народот разбира Бранко што правиш и за твојата одлука ќе сносиш последици од граѓаните“

„Ете му го на Груевски парламентот таков каков што отсекогаш го посакуваше - без опозиција. Ете му ги Сител и Канал 5, ете му го друштвото на партиски послушници и платеници. СДСМ од денес оди на другата, вистинската и бидете сигурни, победничката страна од барикадата - со народот и меѓу народот“, изјави претседателот на СДСМ, Бранко Црвенковски, образложувајќи ја одлуката на најсилната опозициона партија, нејзините пратеници да ја бојкотираат работата на Собранието поради притисоците на власта врз најгледаната телевизија со национална концесија во земјата – А1.

Иако владините претставници уште од упадот на полицијата во објектот на скопската улица „Перо Наков“ (каде се наоѓаат и ТВ А1 и редакциите на весниците Шпиц, Време и Коха е Ре), тврдеа дека предмет на проверка се само трговските фирми на сопственикот Велија Рамковски, вчера на барање на обвинителот беше блокирана сметката на ТВ А1. Затоа Црвенковски денеска потенцираше дека е нејасно кој и со што ја спречува власта да го докаже наводниот криминал и зошто беше неопходно да се блокира сметката на телевизијата со што се оневозможува работата на медиумот.

Според него, „обвинетите се во притвор, документацијата е во нивни раце, сведоците редовно се појавуваат пред судот“, па се` упатува на единствен заклучок дека „во случајот не се работи за борба против криминалот, туку за очигледен напад врз телевизијата и весниците“. Црвенковски вели дека „по економскиот пустош и социјалната беда, меѓународната изолација и рушењето на сите демократски норми и стандарди, со последниот потег Груевски и фамилијата сосема свесно и крајно неодговорно ја внесуваат земјата во тешка политичка криза со несогледливи последици“. Лидерот на опозицијата тврди дека „Груевски не е заинтересиран ниту да открива, ниту да се бори против криминал. Груевски е единствено заинтересиран да го скрие сопствениот криминал и последиците од своето погубно владеење. Груевски сака да ја снема, да ја закопа вистината. Да настане целосен мрак, целосен молк и да остане сам со своите лаги и медиумски мегафони“, рече Црвенковски, образложувајќи ја одлуката на неговата партија, со која парламентот речиси е без опозиција, зашто од 2009-та наваму, неговата работа ја бојкотира опозиционата ДПА на Мендух Тачи.

Денеска законодавниот дом го напуштија и пратениците на Новата социјалдемократска партија на Тито Петковски. Toj изјави дека со „обидот да се замолчат слободните медиуми, Владата сака во Македонија да воведе диктатура. Со затворањето на медиуми и ставањето на информативниот простор во државата по директна контрола на власта, во Република Македонија дефинитивно умира демократијата. Ние под демократија, покрај другото, подразбираме и присуство и почит на поинакви мислења и артикулација на различни ставови, програми и проекти“, рече Петковски.

ВМРО-ДПМНЕ остро ги нападна опозиционерите поради ваквата постапка. Според министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, која е и член на Извршниот комитет на партијата, опозиционерите „вршат притисок врз судството, подготвуваат листи за отстрел на судии и обвинители и безобразно вршат притисок и се закануваат врз медиуми. Инспирираат и прават поделби, ја ставаат на коцка иднината на Македонија, ставајќи се во заштита на криминалот во вредност од милионски суми евра за што е осомничен Велија Рамковски“.

Јанкуловска му посака среќа на Црвенковски и му порача дека „ја става иднината на Македонија како монета за поткусурување за заштита на криминал. Бранко, народот разбира што ќе правиш и за твојата одлука ќе сносиш последици од граѓаните“, потенцираше Јанкуловска.

ТВ Канал 5, конкурентски медиум на ТВ А1, денеска објави дека и партијата ВМРО-ДПМНЕ му посакала среќа на Црвековски, порачувајќи му во писмено соопштение дека тој знае оти со напуштањето на парламентот, „ќе и` наштети на европската иднина на Македонија, но дека сепак реши да го стори тоа зашто мисли само на себе и нема што да изгуби“.

Канал 5 денеска објави и свое соопштение до лидерот на опозицијата по повод неговата изјава во која беше обвинета дека со ТВ Сител е провладина. „Истовремено додека ја критикуваше Владата за правење на поделби Црвенковски, без никакви аргументи дека новинарите на Канал 5 се платеници и послушници, самиот се обиде да ги подели новинарите и јавноста. Нападот на Црвенковски врз новинарите од Канал 5 телевизија покажува дека лидерот на СДСМ има селективен пристап кон медиумите. Со списокот за отстрел на Црвенковски тој директно ги поткрепи изјавите на потпретседателот на партијата Зоран Заев, кој неодамна најави дека кога СДСМ ќе се врати на власт, ќе јаде живи луѓе. Го повикуваме Црвенковски да одговори дали на менито на СДСМ кога ќе дојде на власт ќе бидат новинарите на Канал 5?“, му порача оваа телевизија на лидерот на опозцијата.

Во меѓувреме, иако новинарите на ТВ А1 веќе втор ден ја емитуваат својата информативна програма под отворено небо, пред зградата на Владата и на температури под нулата, се огласи и Советот за радодифузија со соопштение во кое се вели дека „Советот за радиодифузија изразува загриженост поради одлуката на новинарите на А1 и А2 да ги напуштат студијата и да работат надвор и очекува институциите на системот на медиумите да им обезбедат соодветни услови за работење согласно законите“, но и дека „засега овие два медиума редовно емитуваат програма согласно Законот за радиодифузија и со условите од добиената дозвола за вршење радиодифузна дејност“.

XS
SM
MD
LG