Средното училиште во малиот рурален град Бунсборо во сојузната држава Мериленд започна експеримент во областа на образованието. На деца со подобри оценки им е дадена можност да учат во одделенија каде сите се од ист пол, за класови по англиски, математика, наука и социјални студии.
Ребека Браун е специјалист за проценка на успехот на учениците. Таа ги одбира децата за овие сцецијални паралелки или како што овде е познат експериментот – за Академијата.
„Преку групирање според полот, се избегнува одвлекување на вниманието што се случува во типично средно училиште“, вели Браун.
Учениците се избирани според оценките и резултати од тестовите, добри препораки од професорите и активност во часови надвор од редовната настава. Но Академијата е на доброволна основа и како што велат од училиштето, родителите се тие кои решаваат дали нивните деца би ја посетувале.
Академијата е отворена од 2004-та година и досега во неа биле запишани 347 ученици.
Морган Ван Флит предава во Академијата подолго време и објаснува зошто го претпочита овој систем на одделенија со деца од ист пол.
„Момчињата и девојчињата едноставно реагираат различно кога се на исто место. Сметам дека само ги намалувате шансите за сопствен развој бидејќи повеќе сте фокусирани на коментари од типот – би сакала тие да престанат да зборуваат или што мислат за мене – наместо на домашната задача или предавањата“, вели Ван Флит.
Децата од Академијата се задоволни. Повеќето се согласни дека момчињата и девојчињата различно приоѓаат на учењето. Момчињата се похиерархиски, сакаат да го кажат своето мислење и да покажат што знаат. Девојчињата се потивки и сакаат прво да разберат за што се работи, а потоа да го кажат своето мислење.
Момчињата и девојчињата од Академијата сепак имаат заедничка активност - по завршувањето на наставата, многумина од нив остануваат во училиштето за да им помагаат на оние кои имаат проблеми со англискиот, со математика или други предмети.
Што значи овој експеримент за поширокото образование засега е тешко да се каже.