Рускиот пијанист и диригент Михаил Плетњeв кој беше обвинет за наводна вмешаност во педофилски скандал пристигна на аеродромот „Св.Апостол Павле“ во Охрид.
„Не е сега време за коментирање на скандалот. Заедно со Рускиот национален оркестар сме концентрирани на настапот“, изјави Плетњев. „Секој човек во својот живот има одредени скандали зад себе, но очекувам да се разоткрие вистината за она што се случило во Тајланд“, додаде тој.
Познатиот диригент и пијанист по втор пат доаѓа во Охрид и вели дека очекува одличен настап на фестивалот.
„Се гордеам што ќе бидам дел од петдецениската богата културна историја на оваа манифестација. Јас сум само три години постар од неа. Мојата екипа со задоволство ја прифати понудата да настапиме на овој реномиран фестивал“, рече Плетњев.
Михаил Плетњев на 12-ти јули заедно со маестро Симон Трпчевски ќе го отворат јубилејното 50-то издание на фестивалот „Охридско лето“.