Линкови за пристапност

Кина и Русија со обраќања на вториот ден од Конференцијата за нуклеарно оружје


САД ангажирани во преговори со двете земји за евентуално воведување на дополнителна рунда санкции на ОН против Иран.

Претставници на нуклеарните сили Кина и Русија се меѓу говорниците на вториот ден на Конференцијата за неширење на нуклеарното оружје што се одржува во седиштето на ОН во Њујорк.

САД се ангажирани во преговори со обете земји за евентуално воведување на дополнителна рунда санкции на ОН против Иран, за да ја притиснат земјата да прекине со нуклеарниот процес на збогатување на ураниумот.

Иранскиот претседател Махмуд Ахмадинеџад вторникот ја откажа прес-конференцијата во ОН, откако понеделникот се обрати пред делегатите на собирот. Тој рече дека американското производство на нуклеарно оружје поттикнува и други земји да произведуваат оружје. Наместо прес-конференција, тој ќе оддржи средба со избрани медиуми во неговиот хотел во Њујорк.

Иран понеделникот повика на независна верификација на податоците за американскиот нуклеарен арсенал што САД ги објавија истиот ден. Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи запраша и дали „има потреба“ САД да имаат преку 5.000 боеви глави во својот арсенал.

Американската државна секретарка Хилари Клинтон во понеделникот остро го осуди Иран, велејќи дека оваа земја ќе стори се` што може, само за да го одврати вниманието од своето повторително бегање од одговорноста, како и дека иранските нуклеарни амбиции претставуваат ризик за целиот свет.

Во обраќањето на Конференцијата за Договорот за неширење на нуклеарното оружје во седиштето на ОН во Њујорк, Клинтон повика на воведување на автоматски казни за непочитување на одредбите од договорот, отколку потпирање на дипломатијата за спроведување на казните.

Клинтон говореше веднаш по Ахмадинеџад, кој ги обвини САД дека се закануваат на земји, меѓу кои и на Иран, со атомско оружје, но под „лажен изговор“ дека го спречуваат неговото ширење.

Делегациите од САД, Британија и Франција ја напуштија конференцијата за време на обраќањето на иранскиот лидер.

XS
SM
MD
LG