Најмалку 38 лица загинаа а 60 се ранети кога две жени во самоубиствени напади понеделникот активираа експлозив во московското метро за време на утринскиот шпиц. Владата ги обвини терористите од северен Кавказ дека стојат зад нападите.
Првата експлозија се случила на станицата Лубјанка, каде во воз и на перонот загинале 25 лица. Станицата е под седиштето на Руската федерална служба за безбедност, агенцијата – наследник на КГБ. Втората експлозија се случила 40-тина минути подоцна, четири станици подалеку, на станицата Парк на културата.
Новинската агенција Итар-тас јави дека 30-тина од повредените се во сериозна состојба.
Сведоци опишаа дека по нападите дошло до масовна паника на двете станици. Патниците заслепени од густиот чад паѓале едни преку други додека се обидувале да дојдат на безбедно.
На средба со директорот на Федералната служба за безбедност Александар Бортников, пренесувана на националната телевизија, рускиот претседател Дмитриј Медведев изјави дека првичните докази сугерираат оти се работи за терористи поврзани со северен Кавказ. Засега никој не презеде одговорност, но минатиот месец главниот водач на чеченските бунтовници Доку Умаров се закани дека ќе ја донесе војната во руските градови.
Премиерот Владимир Путин ја прекина посетата за Сибир и се врати во Москва. Тој изјави дека „терористите ќе бидат уништени“.
Американскиот претседател Барак Обама ги осуди нападите, нарекувајќи ги подмолни акти. Тој истакна дека американскиот народ стои рамо до рамо со Русија во борбата против насилниот екстремизам.