Линкови за пристапност

Наближува ерата на роботите!


Наближува ерата на роботите!
Наближува ерата на роботите!

Најголем дел од роботите претставени во Денвер беа за армиска употреба. Но, експертите сметаат дека се шири и нивната цивилна примена.

Животот е полн со здодевни, опасни и валкани работи што наместо вас може да ги заврши робот. Во Денвер деновиве се одржа конвенција на која беа прикажани роботи со најразлична примена.

Роботите се поприсутни во нашиот живот отколку што можеби мислите. Земете ја автоматската правосмукалка – Румба, на пример, која самата се движи по подот.

„Сакавме да направиме нешто што луѓето можат да го користат секој ден. Тоа беше инспирацијата за Румба, раскажува Хелен Грејнер, соосновач на компанијата „Ај-Робот“, каде произведуваат од Румба-правосмукалки па се` до роботи за уништување бомби, па и роботи што еден ден може да бидат дел од нас.

„Роботиката може да биде дел од телото, да замени рака или нога изгубени поради болест или несреќа“, вели Грејнер.

Најголем дел од роботите претставени во Денвер беа за армиска употреба. Но, Мајкл Тоскано, претседател на Здружението за роботика смета дека се шири и нивната цивилна употреба.

„Дали во пожарникарството или при друг вид несреќи, системите на далечинско управување ќе овозможат мисии што ќе бидат продолжение на човековите раце, очи и уши“, коментира Тоскано.

Некои роботи се способни и да пливаат, за да можат да ја следат загаденоста на океаните.

„Ги пуштаме во океан, каде пливаат по 8-9 месеци собирајќи податоци“, вели Едисон Хадсон од „Ај-Робот“.

На конвенцијата беше претставен и роботски „човек“. Роботот се вика АРМ, кратенка од Автономна роботска манипулација, проект на владината Агенција за напредно истражување во одбраната.

Роберт Менделбаум од агенцијата објаснува дека АРМ може самиот да препознае, без далечинско управување, барани форми. Наредниот предизвик за научниците, вели Менделбаум, е тој „да може, на пример, да подигне спортска торба, да ја отвори, и без визуелна потврда да најде предмет во неа“.

Тоа значи дека овој робот може да најде скриена бомба, но и да му помогне на слепо лице, на пример, да најде кошула и да ја закопча.

XS
SM
MD
LG