Линкови за пристапност

Средба Ахмети-Рикер


Средба Ахмети-Рикер
Средба Ахмети-Рикер

Лидерот на ДУИ го упатил американскиот амбасадор во Македонија во заложбите на партијата за примена на Охридскиот договор како и за изнаоѓање на решение за спорот за името.

Амбасадорoт на САД во Македонија Филип Рикер се сретна со претседателот на владеачката ДУИ Али Ахмети. Разговарале за актуелните политички прашања во државата и регионот, како и за евроатлантските перспективи, се вели во кусото партиско соопштение објавено по средбата.

Ахмети како што се додава, го упатил Рикер во заложбите на ДУИ за примена на Охридскиот договор како и за изнаоѓање на решение за спорот за името.

Други детали нема ниту од ДУИ, ниту од Американската амбасада во Скопје.

Средбата уследи по седницата на Централното претседателство на ДУИ на која е договорана стратегија како да се одговори на сите напади кон неколку високи функционери на партијата изминатиов период, а поврзани со процесот на лустрација.

Политичкиот ангажман во земјата особено во овој период треба да биде насочен кон евро-интеграциите. Затоа, нападите кон ДУИ доаѓале од центри кои не и` мислат добро на земјата, било заклучено на седницата.

„Сметаме дека целиот начин и целиот овој напад врз ДУИ не е само напад врз ДУИ, туку врз политичкиот и општествениот идентитет и интегритет на Албанците во Македонија како и во регионот. Сметаме дека сето тоа, начинот како се прави, од центри кои сигурно не и` мислат добро на Република Македонија, се прави на еден начин што е мошне опасен во однос на стабилноста на регионот и на Македонија“, изјави Теута Арифи, потпретседателка на ДУИ.

Раководството на ДУИ исто така ги повика институциите да се вклучат во расчистувањето на случајот.

„Мислам дека оваа работа не е лична, туку е работа која е повеќе и поширока од тоа да се третира како лично прашање, затоа ние ќе го третираме многу официјално со сите можности официјално да дејствуваме и нема да го третираме како лично прашање“, вели Теута Арифи.

На седницата на раководството на партијата се разговарало и за можноста ДУИ кривично да ги гони оние кои стојат зад обелоденувањето на досиејата.

Инаку, Комисијата за лустрација ги прогласи како невалидни досиејата објавени во јавноста со кои се обвинуваат високи функцинери на ДУИ дека соработувале со српските тајни служби.

XS
SM
MD
LG