Линкови за пристапност

Обвинителството за случајот „Пуч“


Предупреди да запре објавувањето на материјали кои што може да станат предмет на натамошната кривична постапка

Откако видео-снимки на разговори на премиерот Никола Груевски и на опозицискиот водач Зоран Заев беа објавени на ТВ „Сител“ и на „Јутјуб“, СДСМ соопшти дека ќе поднесе кривична пријава против премиерот, затоа што, според оваа партија, со неовластено снимање и прислушување на нивниот претседател, Груевски сторил кривично дело од членовите 151 и 152 од Кривичниот законик.

Според партискиот портпарол Петре Шилегов, дури и ако се работело за снимање на разговоро со примена на Посебни истражни мерки - ПИМ, сепак, имало кривично дело оддавање на службена тајна, со што премиерот и` нанел голема штета на државата. Шилегов во медиумите изјави дека е „прашање дали воопшто Никола Груевски е пресметлива личност и дали е свесен со ваквите постапки каква штета и нанесува на Република Македонија, бидејќи не знаеме кого се` и на какви средби снимал Груевски – политичари, коалициски партнери, амбасадори, еврокомесари...“.

Портпаролот на СДСМ го повика премиерот да одговори на прашањето коешто опозциониот водач му го постави уште по изборите - дали е следен и дали против него се спроведуваат посебни мерки. Шилегов смета дека и „објавувањето на податоците за движењето на претседателот на СДСМ во провладините медиуми, пред околу една година, потврдува дека лидерот на опозицијата е следен подолг временски период“.

Според опозицијата, апсењето на бившиот разузнавач Зоран Верушевски, за когошто провладините медиуми најпрвин тврдеа дека му ги обезбедувал компромитирачките материјали на Заев за неговата „бомба“, било само „очаен обид да се спинува ситуацијата во која правно би биле инволвирани СДСМ и Заев“. Шилегов најави и дека материјалите против Груевски коишто наводно се добиени од граѓани на Македонија, а не од странска разузнавачка служба, набрзо ќе и` бидат презентирани на јавноста.

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ реагираше дека „СДСМ се во паника затоа што се фатени живи дека соработувале со странски служби и во сценариото да и` наштетат на државата“, потенцирајќи и дека ги повикале надлежните институции да го откријат потеклото на актуелните снимки, да утврдат дали тие смеат да се објавуваат и кој ги објавил, како и дали снимките потекнуваат од законски спроведувани ПИМ мерки.

„ВМРО-ДПМНЕ ги повика надлежните институции да го истражат темелно и случајот ’Пуч’, да видат кој снима и кој се користи со такви материјали за закана кон носители на државна функција, во соработка со странски служби. Има судска постапка и ние како партија остануваме со став дека и партиите и медиумите во врска со овој случај треба да се однесуваат одговорно и професионално и во рамки на Уставот и законите и демократските стандарди, за да не се дозволи намерата на тие што се инспиратори и креатори на овој случај да се реализира“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Откако Владата не го коментираше скандалот со протекувањето на снимките во ТВ Сител и на „Јутјуб“, СДСМ праша кој друг освен Груевски можел да снима во неговиот кабинет и оцени: „Прикажаното видео потврдува дека Груевски ги снима оние кои што доаѓаат на политички средби во неговиот кабинет, пример без преседан во Европа“ .

Министерството за внатрешни работи, пак, интересот на јавноста за целата афера и особеноста за законитоста на евентуално користените ПИМ го пренасочи на Јавното обвинителство.

Денес, во дел од медиумите беше објавено дека Јавното обвинителство најавило соопштение по повод снимките од кабинетот на премиерот, но до испраќањето на овој извештај, Обвинителството не се изјасни дали снимките биле обезбедени со употреба на ПИМ, или опозиционерот Заев бил незаконски прислушуван.

Вечерва пак, медиумите пренесоа дека Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција преку соопштение порачало дека ќе изврши проверки во врска со фактите и околностите под кои материјалите од средбата меѓу Груевски и Заев дошле до медиумите.

„Јавното обвинителство на Република Македонија цени дека е неопходно да нагласи дека објавувањето на материјали кои што може да станат предмет на натамошната кривична постапка е забрането и казниво со Закон“, наведува Обвинителството и додава: „Затоа, предупредуваме веднаш да запре објавувањето и емитувањето на ваквите материјали“.

Обвинителството информира и дека упатило барање до Министерството за внатрешни работи да стапи во контакт со мрежата на која што беше објавен материјалот за негово отстранување како и отстранување на сите слични материјали коишто би се појавиле во иднина.

Вчера и коалициониот партнер во власта, Демократската унија за интеграција ја повика меѓународната заедница да се вклучи со должно внимание за градење на одржливи демократски стандарди во Македонија, потенцирајќи дека „континуирано ја потенцира ургентната потреба за подигнување на интегритетот и независноста на судството и обвинителството, како и транспарентното и објективно спроведување на судските процеси, особено на оние со меѓуетнички, меѓуверски и политички карактер“. Затоа, ДУИ побара од државните институции „вклучувајќи го судството и обвинителството, да пристапат кон овој случај со полна транспарентнoст и интегритет и почитување на презумпцијата на невиност на обвинетите“.

XS
SM
MD
LG