Неколку стотици тутунари од Пелагонија денеска го блокираа граничниот премин на македонско-грчката граница кај селото Меџитлија. Ова е досега најмасовниот протест на тутунари во серијата помали протести организирани изминативе неколку дена. Луѓето го изразуваат своето незадоволство од ниските цени на откупот на тутунот, и како што велат, игнорирањето од страна на власта за нивните проблеми по ова прашање.
„Нека ни го платат тутунот, ние сме деца на премиерот, тој ни е татко, каде да се жалиме? Овој народ нема леб да јаде, премиерот си игра играчки со земјоделците“, изјави Благоја Мојсоски, претставник на тутунарите кои протестираа на границата.
Тие и натаму остануваат со своето барање за средба со премиерот Груевски, а доколку тоа не се оствари, најавуваат продолжување на блокадите и наредните денови.
„Премиерот нема слух, доколку тоа не се случи денес, утре продолжуваме со блокадите на сите регионални патишта и сме во координација со тутунопроизводителите од цела држава. Ако не дојде премиерот ние ќе му одиме во Скопје на гости“, вели Кире Неделковски, претседател на Штрајкувачкиот одбор.
Од Владата велат дека прават се` што е во нивна можност за да го олеснат процесот на откупот. Владини претставници сметаат дека тутунарите кои протестираат се манипулирани од опозицијата.
И додека едните беа на блокади на граничниот премин, помала група тутунари беше пред штабот на Социјалдемократите во Битола и Велес. Тие велат дека протестираат против оние кои протестираат. Не биле организирани од ниедна партија, туку случајно го одбрале просторот пред зградата на опозицијата.
„Нема врска што сум пред штабот на СДСМ. Јас ги поддржувам луѓето. Секој треба тутунот да си го процени дома, нема што луѓето да се бунат. Секој треба да си го процени квалитетот“, изјави претставник на оваа група.
Според нив, опозицијата е виновна за блокадите на тутунарите бидејќи ги терала да го продаваат само лошиот тутун, а квалитетниот да го чуваат дома.
„Буцкачите на тоа што се случува, се овде горе, затоа што тој Бранко ја прави сета работа“, рече еден од овие демонстранти.