Линкови за пристапност

Државниот испит се одложува за една, а другите измени за две години

  • Соња Трајковска

Од студентските протести на 10-ти декември 2014-та

Премиерот Груевски утрово ненадејно побара средба со претставници на студентите

Одложување на воведување на државниот испит на факултетите за една година и одложување на сите останати спорни одредби од новиот Закон за високо образование за две години - ова е предлогот којшто денеска им бил даден на претставниците на студентите, на средбата со премиерот Никола Груевски, а којашто тој ненадејно ја побара утрово.

„Постигнавме заемна согласност дека ќе биде одложен Законот. Во поглед на барањата на студентскиот пленум има согласност со тоа што во периодот на дискусија ние постојано ќе ги излагаме своите аргументи и ставови дека одредбите треба целосно да се укинат. Засега одлагањето на Законот претставува голем исчекор за нас“, изјави Константин Битраков од Студентскиот пленум. Пленумот ги организираше трите досегашни протестни маршеви на студентите против измените на Законот за високо образование.

За ректорот на Универзитетот Свети Кирил и Методиј во Скопје, Велимир Стојковски, денешната средба е само почеток на барањето решенија за спорните одредби од Законот.

„Главно се` она, со мали исклучоци, за коешто се водеа бурни расправи и имаше реакции, и се` она што беше предмет на новите законски измени. Начелно, за една година е државниот испит, за две години се сите други, со тоа што во тој рок ќе имаме сите простор да ги додефинираме работите и, се разбира, да видиме дали тоа е тоа што треба да функционира на тој предложен начин или ќе се бара некое друго решение“, рече тој.

Предлогот - државниот испит на факултетите наместо од 2017 да се применува од 2018-та година, и одложувањето на обврската на професорите за објавување трудови во научни списанија со импакт-фактор, начинот за избор во звања, како и измената на кредит-трансфер системот од 300 на 360 кредити и сите останати набрзина изгласани промени во Законот за високо образование, ќе се најдат на следната седница на Владата, којашто до Собранието ќе испрати Предлог одредба со која се одложува нивната примена.

Одговорот на прашањето - дали ќе се спроведе најавата за окупација на факултетите, во знак на протетест против оглушувањето на власта кон студентските барања, претставниците на Студентскиот пленум денеска ја оставија да ја донесат сите студенти.

„Студенти, денес ништо не беше договорено, туку премиерот излезе со ПОНУДА. Дали ќе се прифати ќе одлучат сите студенти заедно!“, порача Студентскиот пленум преку социјалните мрежи веднаш по средбата.

„Средбата е дел од иницираниот дијалог помеѓу Владата и универзитетите за унапредување на квалитетот во високото образование. На средбата и двете страни изразија подготвеност за одложување на примената на последните измени на Законот за високото образование за една година, меѓу кои што и одложување на спроведувањето на државниот испит за една година и за спроведувањето на обврската за објавување на научни трудови во списанија со импакт фактор за две години. Во меѓувреме, беше договорено во периодот што следи да продолжи дискусијата на ниво на работни групи од двете страни во насока на подобрување на пакетот закони за реформи во високото образование, односно носење на нов закон за високо образование“, се вели во соопштението од Кабинетот на Груевски за средбата на којашто присуствувале и министерот и заменик-министерот за образование, Абдулаќим Адеми и Спиро Ристовски.

Студентскиот пленум, поддржан и од Професорскиот пленум, досега одржа три големи протести во Скопје, но никој од надлежните не ги повика на разговор, а во меѓувреме, Собранието ги изгласа сите измени предложени од Владата. Последниот чекор што беше најавен од студентите беше окупација на универзитетите.

XS
SM
MD
LG