Линкови за пристапност

Годишно обраќање на претседателот Иванов


Да се одбие разговор за интересите на државата за мене е израз на крајно неодговорно политичко однесување, рече шефот на македонската држава

Претседателот Ѓорге Иванов денес го одржа годишното редовно обраќање во Собранието на РМ, повикувајќи на реанимација на политичкиот дијалог во државата како средство за решавање на сите актуелни проблеми што го кочат напредокот на општеството.

„Сакам да напоменам дека како претседател, пред седум месеци ги поканив политичките лидери, вклучувајќи ги и господинот Заев и господинот Ахмети, да разговараме за интересите на државата. Тие се уште не се одзваа на поканата, која е се уште отворена. Да се одбие разговор за интересите на државата за мене е израз на крајно неодговорно политичко однесување, рече Иванов.

Тој се изјасни и за актуелниот студентски протест против предлогот на Владата за воведување на државен испит во високото образование.

„Со внимание ја следам широката стручна и јавна дебата за нови сеопфатни законски решенија за сите степени на образование. Неопходно е да се слушнат сите засегнати страни, и универзитетите и студентите, наставниците и учениците, родителите, бизнис-секторот, предлагачот. Заеднички и низ дијалог да го најдеме најдоброто решение. Студирањето е и израз на слобода, но и на одговорност. Автономијата на универзитетот е уставно загарантирана и мора да се почитува“, изјави Иванов.

Говорејќи за проблемите во македонската интеграција во евроатлантските организации, Иванов кажа: „За жал, откако во 2005 година станавме земја-кандидат за членство во Унијата, Европскиот совет не успеа досега да најде начин да ги започнеме преговорите за членство. Двојните стандарди со кои сме соочени не можат да ја победат вистината. Сме минале низ многу премрежија. Не` негирале, бришеле и игнорирале. Не` асимилирале, делеле и раселувале. Но, и покрај се, сме издржале. Како што пред 70 години, на АСНОМ, успеавме да создадеме наша сопствена држава, така денес, сме уверени дека ќе станеме членка на Европската унија и НАТО. Затоа што Македонија ја градиме во нас, од нас, за нас, за да живееме и ние и идните генерации во мир и благосостојба. Официјална Атина може да го забави, но не и да го спречи нашето поврзување со Европа. Официјална Атина може да ни го забави патот кон Брисел, но не може да нè спречи да ги имаме европските вредности, стандарди и критериуми. А токму тие се целта на нашиот европски пат да ја донесеме Европа во Македонија“.

Македонскиот претседател коментираше и на радикализација на исламските верници и мобилизацијата на граѓаните од Македонија на воените жаришта на Блискиот Исток.

„Секојдневно од нив се регрутираат и се радикализираат нови странски терористички борци кои се борат на боиштата во кризните региони, кои не се далеку од нас. За жал, меѓу нив според разузнавачки информации има и стотина државјани на Република Македонија“, рече Иванов, додавајќи дека размената на информации за заканата од странски терористички борци со државите од Западниот Балкан и со членките на ЕУ и НАТО е приоритет во одржувањето на мирот и стабилноста во регионот.

По неговото обраќање, се огласија политичките партии. Опозициските социјал-демократи, но и владејачката ДУИ дадоа негативна оценка. Пратениците од двете партии не беа присутни во Собранието.

За СДСМ, обраќањето значи потврда дека Македонија нема претседател каков што заслужува.

„Да ја имаше Иванов храброста за којашто зборува, да му ја одржи таа лекција на менторот Никола Груевски, ќе ги видеше вистинските причини за ќорсокакот во којшто ја заглавија 9 година Република Македонија. Но на Ѓорге Иванов му е полесно да каже дека треба `смирено да ги прифатиме нештата што не зависат од нас`“, стои во реакцијата на СДСМ.

ДУИ, пак, во обраќањето најде аргумент зошто ги бојкотираше претседателските избори.

„Неговото обраќање во присуство на монопартиска аудиенција во собранието на Република Македонија говори исто така гласно околу нашето оправдано делување за време на претседателските избори“, изјави Артан Груби од ДУИ.

Владејачката ВМРО ДПМНЕ изрази пофалби за настапот на претседателот Иванов.

„Станува збор за еден стабилен политичар, одмерен човек, со принципи, којшто влева сигурност дека функцијата Претседател на Република Македонија е во сигурни раце“, изјави Антонио Милошоски од ВМРО ДПМНЕ.

XS
SM
MD
LG