Линкови за пристапност

Москва контра Запад за ситуацијата во Македонија

  • Синиша Станковиќ

Руското МНР со обвинувања за опозицијата, ја брани одлуката на Иванов за аболиција на политичарите

„Активирање на 'украинското сценарио', надворешно инспирирање на незаконски дејствија и на државни удари, може да доведе до сериозни потреси во Македонија, како и до дестабилизирање во целиот балкански регион“, се наведува во изјавата на Министерството за надворешни работи на Русија, за најновите тензии во Македонија, кои уследија по одлуката на претседателот Ѓорге Иванов, да ги прекине постапките кои Специјалното јавно обвинителство ги покрена против 57 македонски политичари.

Без вообичаениот дипломатски речник, руското МНР обвини дека македонската опозиција е „инструмент за распалување на внатрешнополитички конфликт, меѓу другото, со надворешна поддршка“, со што руската дипломатија се конфронтираше со ставовите на претставниците на САД и на ЕУ, кои вината за ескалацијата на протестите на скопските улици ја адресираа кон претседателот Иванов.

Иако руското МНР во соопштението не ги наведе „надворешните сили“ кои наводно работат врз дестабилизација на Македонија, ваквиот став за загрозеноста на Македонија од странски влијанија, го повтори и го потенцираше во своето вчерашно интервју со уредници на неколку ТВ куќи на македонски и на албански јазик, и претседателот Иванов. Соопштението од Москва и настапот на Иванов, во медиумите ги вратија и минатогодишните предупредувања на руската дипломатија, дадени по големите протести на опозицијата против власта на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, за наводно неизвесната судбина на Македонија како држава и руските обвинувања против Запад, дека се подготвува „украинско сценарио“ во Македонија.

Иако од дипломатските преставници од САД и ЕУ, стигнаа бројни негативниоценки и осуди за одлуката на македонскиот претседател, па германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмајер беше дециден дека одлуката на Иванов им нанесува штета „на стандардите на правната држава и на правниот мир“ и дека ја поткопува работата на Специјалното јавно обвинителство „кое треба да ги истражи сите обвинувања за злоупотреба на власта“, а евроамбасадорот во Скопје Аиво Орав изјави дека „одлуката на претседателот Иванов за аболиција, сериозно го поткопува владеењето на правото и создава опасна атмосфера на неказнивост“, и соопштението на руското МНР, наиде и на поинакви одгласи и реакции, и во Македонија и во регионот.

Премиерот на соседна Бугарија, Бојко Борисов, денес изјави дека „има информации за намерна дестабилизација на земјите во регионот, како што е Македонија“, и дека по последните настани се сомнева оти предвремените избори закажани за 5 јуни воопшто ќе се одржат.

А, во Македонија, во контекст на перманентното ширење тензија во провладините медиуми и обвинувањата против цивилниот сектор, „соросоидите“ и „соработниците на странските разузнавачки служби“ за заговор против Македонија, лидерот на партијата ТМРО, адвокатот Ванчо Шехтански, денес потенцираше дека македонската држава веќе „не смее да има толеранција за таканаречените невладини организации“ и побара нивна забрана!

„Овие странски разузнавачки испостави се со една цел, а таа е против суверенитетот на оваа држава. ТМРО го повикува државниот врв итно да донесе мерки за времена забрана на дејствување на сите невладини организации на територијата на Македонија, со оглед дека истите не се занимаваат со својата регистрирана дејност, туку директно се впуштаат во политичко дејствување, наменето против уставното уредување на македонската држава“, бара Шехтански.

Паралелно со оценките на дипломатите властите во Македонија се соочуваат и со бран медиумски критики, особено во медиумите на германски јазик. Така, во коментарот „Криза во Македонија: Притисокот на ЕУ доаѓа доцна“, австрискиот весник „Стандард“ остро го обвини претседателот Иванов за неговата постапка:

„Тој се демаскираше не само себеси, туку и владејачкиот режим. Кога македонскиот претседател Иванов во вторникот, прогласи генерална амнестија за политичарите против кои се водат кривични постапки, тој, инаку правник, документираше дека во балканската земја се гази врз правната држава, дека нема демократска поделба на власта, дека владејачката партија ВМРО- ДПМНЕ владее бесрамно и авторитарно, но и тоа дека очигледно е во паника“.

А „Дојче Веле“ го пренесе коментарот на „Зидвест пресе“, во кој се вели дека „со Македонија владее криминална банда. Состојба која европските политичари не ја негираат, но за што, од дипломатски причини, не зборуваат отворено. За држави како Македонија да се водат на патот на демократијата и да се држат настрана од диктатура и етнички конфликти, ЕУ се потпира на својата привлечна сила и овде-онде – на малку пари. Двете работи веќе не функционираат. Рака на срце, мнозинството Македонци и натаму сака нивната земја да стане членка на ЕУ, но истовремено насетуваат дека освен нив, тоа никој не го сака – ниту нивната сопствена влада, а ниту ЕУ“.

„Волстрит џурнал“ цитираше експерти од тимот на Рајнхард Прибе, кои го подготвуваа извештајот за Македонија, а според кои „се чини, дека високи партиски и владини членови се вклучени во изборни измами, корупција, уцени, изнуда, непотизам и кронизам“.

XS
SM
MD
LG