Линкови за пристапност

Ожалостени за смртта на полскиот претседател и во Њујорк


„Тешко е да се дише, тешко е да се мисли, тешко е да се зборува за ова“, вели еден од жителите на Гринпоинт.

Во Бруклин, Њујорк, или поточно населбата Гринпоинт, дом на втората најголема полска заедница во САД, жителите се се` уште ожалостени по авионската несреќа во северозападна Русија во која загина полскиот претседател Лех Качински и 95 други лица.

Во црквата Свети Станислаус Костка, река луѓе палеа свеќи и оставаа цвеќе во знак на почит за жртвите. Еден од присутните, кој се идентификуваше како Крис, одвај се воздржуваше да не заплаче, кога за Гласот на Америка изјави: „Тешко е да се дише, тешко е да се мисли, тешко е да се зборува за ова“.

За веста за несреќата жителите на Гринпоинт слушнаа во саботата наутро. Гразнја Хривевич Кенеди која емигрирала од Гдањск во 1995-та, изјави дека за настанот дознала од нејзиниот брат. Тој и` се јавил утрото во 4:30 од Полска. Нејзиниот сопруг, Мајкл Кенеди, додаде дека тие го минале остатокот од денот гледајќи полска телевизија.

„Бевме шокирани“, вели тој. „Само гледавме телевизија и се обидувавме да ги поврземе работите. Сепак не можете да рационализирате трагедија како оваа“.

Полските знамиња низ целата населба останаа на половина копје и во неделата, а на повеќето имаше прикачено и црна лента во знак на почит за загинатите.

Неколкумина рекоа дека биле ужаснати од околностите на несреќата, која се случи кога делегација полски претставници, вклучувајќи го и претседателот Качински беа испратени да им оддадат почит на илјадниците Полјаци егзекутирани пред 70 години во шумите Катјин во Русија.

Качински упорно вршеше притисок врз Русија да се извини за масакрот, изведен од страна на тајната полиција на Советскиот Сојуз. Иако не упати официјално извинување, рускиот премиер Владимир Путин за време на посетата на Катјан минатата недела, каде присуствуваше и полскиот премиер Доналд Таск, изрази жалење за погубените лица.

Мајкл Кенеди рече дека полската блог-мрежа била „вжештена“ од теории за заговор околу тоа како дошло до трагичниот настан. Кенеди сепак додаде дека ги прифаќа официјалните информации за несреќата и верува дека можно е да водат и до подобрување на односите меѓу Русите и Полјаците. Тој уште кажа дека полската телевизија емитувала снимки како Руси положуваат бели црвени цвеќиња, боите на полското знаме.

Неговата сопруга, Гразнја сепак е категорична дека е прерано да се каже дали во иднина ќе дојде до подобрување на руско-полските односи, но додаде дека претседателот Качински никогаш не се колебал кога била во прашање одбраната на Полјаците и нивните интереси. „Мислам дека загубивме вистински застапник на полските воени жртви, како и на полските жртви заради проблематичните односи со Русија, ова е огромна загуба“.

XS
SM
MD
LG