Линкови за пристапност

„Блескавата љубов на Марија Кири“


Театарски перформанс: „Блескавата љубов на Марија Кири“
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:22 0:00
Direct link

Театарски перформанс: „Блескавата љубов на Марија Кири“

Театарски перформанс во Вашингтон - режијата и текстот на Македонци.

Во Конгресната библиотека во Вашингтон деновиве се одржа сценско читање на новата претстава за хемичарката која го задолжи светот, Марија Склодовска Кири.

Постерот за претставата
Постерот за претставата
Перформансот „Блескавата љубов на Марија Кири“ е во чест на 145-годишнината​од роденденот на добитничката на две Нобелови награди. Во режија на професорот Наум Пановски и според текстот на писателката Мимоза Ристова, делото по првпат беше презентирано пред американската публика. Критиката го опишува како фантазмагорична претстава, базирана на премрежињата на талентираната жена.

Карактеристика на читањето на „Блескавата љубов на Марија Кири“ беше интензитетот. Актерите, дел од Проектот поетски тетар - театарска компанија со седиште во Њујорк, импресивно ја доловија желбата на Кири да ги балансира научните истражувања со чувството за правда, во исто време растргната меѓу борбата за правата на жената и нејзината стравствена љубов.

Наум Пановски
Наум Пановски
„Не секогаш имаме таква можност, со оглед дека Македонија е мала земја, да бидеме одбрани во една ваква голема институција и да ни` се укаже таква чест“, вели за преставата во Конгресната библиотека режисерот Пановски. Тој е еден од основачите на Проектот поетски тетар, а младите актери се главно негови поранешни студенти.

Авторката Ристова за Гласот на Америка на македонски преку Скајп се наврати на мотивацијата да го напише текстот: „Заминав во Полска. Таму ја проучував Марија Кири, ми се отворија вратите на сите простории каде што престојувала и почнав да пишувам. Практично трите чина од драмата ги напишав во Варшава. Голем дел од пишувањето го минав во солзи. Емотивно го доживеав, како да се работи за некој од семејството. Како Марија да беше дел од мене“.

Пановски во проектот го инспирало „правото да имате избор, што е и суштината на ова општество“.

“Ние сме тие кои ја избираат сопствената судбина. Кири го прави токму тоа. Прашање на слобода е, како индивидуална, така и колективна“, вели Пановски.

Во синопсисот постојано се проткајува возот. „Метафора на патувањето е. Животот е едно големо патување“, коментира режисерот.

Тој најави дека перформансот за Кири ќе продолжи да се развива во САД: „Следната година можно е ова да го реализираме како голема, вистинска претстава во Театарот Ла Мама во Њујорк. Се` уште сме во преговори“.
XS
SM
MD
LG