Линкови за пристапност

Џафери испратил писмо до Иванов дека е спикер на Собранието


Кабиентот на Џафери информира дека сега се очекува претседателот да го додели мандатот

Новиот собраниски спикер Талат Џафери со писмо го информирал шефот на државата Ѓорге Иванов дека е формирано парламентарно мнозинство и оти е избран претседател на Собранието.

Кабиентот на Џафери информира дека сега спикерот очекува претседателот Иванов да постапи според Уставот и да го додели мандатот.

Лидерот на мнозинството Зоран Заев вели дека е подготвен да се сретне со Иванов, и уште еднаш да го увери дека новата влада не отстапува од унитарниот концепт на државата, чекор што претседателот го побара по средбата со вискоиот претставник на Стејт департментот Хојт Ји.

„Информиран сум дека вчера од архивата на Собранието е излезено писмото, но, не знам дали денеска е примено во архивата на претседателот. Ако е примено веројатно од тој момент почнуваат да течат потребните десет дена. Покрај решавањето на правните пречки, подготвен сум да го посетам Иванов и, заедно со коалициските лидери, да одиме кај него и уште еднаш да ја гарантираме унитарноста и уставноста на државата“, изјави Заев.

Новиот шеф на Парламентот денес отпатува во Брисел, каде се сретна со еврокомесарот за проширување Јоханес Хан. Тој порачал дека Собранието мора да работи непречено и сите, вклучувајќи ја и опозицијата, да делуваат конструктивно.

Хан повикал фокусот да биде на наредните чекори: формирање влада и делување во рамките на Уставот.

По вчерашното повлекување на ВМРО-ДПМНЕ и овозможувањето на Џафери да ја преземе функцијата, дел од домашните медиуми објавија информации дека во партијата се шират информации за можна смена на врвот.

„Никола Груевски ја има максималната поддршка и на Извршниот и на Централниот комитет. Тој ја водеше партијата и во последната изборна победа. Лидерот на СДСМ ги преплавува медиумите под контрола на Сорос, со вакви лажни вести само за да ја дефокусира јавноста“, стои во демантот на ВМРО-ДПМНЕ.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG