Пред точно 20 години се конституираше првото демократски избрано Собрание на Република Македонија.
Јубилејот денеска беше одбележан во Парлементот. Актуелниот состав на Собранието по повод годишнината од конституирањето како демократска институција на независна Република Македонија ги покани пратениците од првиот собраниски состав.
За првата седница и атмосферата што владеала тогаш се присети поранешниот пратеник и претседавач на конститутивната седница, Никола Стојановски.
„Тоа беше една посебна атмосфера, кога сите тие новоизбрани пратеници имаа една голема акумулирана енергија и тогаш тоа беше како една ерупција на посебни ставови, посебни мислења, посебно согледување на стварноста и на иднината“, кажа Стојановски.
Пратениците од првиот состав на Собранието критички гледаат на сегашната собраниска клима.
„Сега не им се дозволува на пратениците докрај да ги покажат своите квалитети и знаења. Она што ние го зацртавме, овој состав не може да го реализира, а вината е во пренагласената улога на лидерите“, рече Туше Гошев, пратеник од тогашната пратеничка група на СДСМ.
Улична демократија и недоличен јазик се белег на овој состав на Собранието, велат поранешните пратеници.
„Навреди од секаков вид, што не се својствени за луѓе кои што заземаат високи, одговорни функции во општеството“, коментира Абдурахман Алити, пратеник.
Претениците од првиот состав на Собранието зборуваа и за нивните грешки, особено на планот на меѓуетничките односи при креирањето на тогашниот текст на Уставот.
„Пропагандата на Милошевиќ беше причина во првиот Устав да се направи грешка и да се вратиме назад во однос на правата на заедниците. Сега сум е оптимист и посакувам да се продолжи по вистинскиот правец. Без оглед на моменталните тешкотии и проблеми со кои се снаоѓаме, мислам дека основниот правец мора да биде задржан, одбранет и да се следи“, изјави Стојан Андов, прв претседател на Собранието.
И покрај меѓусебните расправи во тогашните политички констелации, денес сите поранешни пратеници се согласија дека Македонија мора да ја искористи шансата за интегрирање во ЕУ и во НАТО, додека, како што велат, очите на светот се` уште се свртени кон нас.