Директорот на Центарот за Јужна Азија во Атлантскиот совет, Шуја Наваз, вели дека смртта на 54-годишниот Осама бин Ладен значи крај на многу важно поглавје во борбата против тероризмот, но дека книгата има уште поглавја. Важно е, сепак, вели тој, дека гласот и ликот на бин Ладен нема веќе да биде сегашност за терористите насекаде во светот.
Иако претседателот Обама кажа дека „соработката со Пакистан помогнала да се доведат американските сили до бин Ладен“, не е јасно каква улога играле Пакистанците во конкретната акција.
„Ако Пакистан бил дел од процесот, тоа може да ги забрза работите, ако Пакистан бил зад фронтот, мислам дека работите ќе ги направи полоши“, вели Наваз.
Стратешкиот дијалог што ги доведе САД и Пакистан на маса да се фокусираат на заедничките цели, сега е суспендиран.
Смртта на основачот на ал-Каида може на кратко да ги влоши условите внатре во Пакистан, но и да ги подобри условите во Авганистан. Наваз вели дека една од најголемите причини што САД отидоа во Авганистан беше да се елиминира можноста за враќање на ал-Каида во Авганистан откако коалицијата ќе си замине од областа: „Сигурно дека отсуството на бин Ладен значи дека ал-Каида ќе го регрупира раководството, но можноста тие да го најдат патот назад во Авганистан изгледа помалку веројатна“.
И покрај затегнатите односи САД и Пакистан се меѓусебно зависни во борбата против паравојниците и тероризмот, иако влогот може да е поголем за Пакистан, заради географската положба и помошта што ја добива од САД, вели Шуја Наваз.