Илјадници лица во услови на строга безбедност се собраа во Лахоре на погребот на убиениот гувернер на покраината Пунџаб, Салман Тасир.
На погребот присуствуваа и пакистанскиот претседател Асиф Али Зардари и виши владини лица.
Тазир беше убиен вторникот во Исламабад. Осомничениот за убиството, Мамтаз Кадри, кој, инаку, е еден од неговите телохранители, призна дека го убил гувернерот поради неговото противење на контроверзниот закон против богохулство.
Пакистанскиот министер за внатрешни работи Рехма Малик соопшти дека истрагата се обидува да утврди дали убиецот делувал самостојно, или пак бил дел од поширока организација.
Средата, 500 конзервативни верски старешини издадоа прокламација со која го пофалија атентатот и предупредија дека секој кој се противи на законот може да заврши на ист начин како и гувернерот.
Тазир беше член на владејачката Народна партија, која има потешкотии да остане на власта откако од владата излезе клучен коалиционен партнер.