Пакистанскиот претседател Асиф Али Зардари за прв пат ги посети областите зафатени од поплави, по интензивните критики заради тоа што не сакаше да го одложи претходно закажаното патување во Европа.
Зардари за време на посетата во Синд ги уверуваше жртвите дека владата прави се` што е можно за олеснување на ситуацијата.
Поплавите, предизвикани од монсунски дождови усмртија најмалку 1.600 лица, а беа погодени близу 14 милиони во провинциите Кубер-Пактунква, Пунџаб и Синд. ОН повикаа на донации од 460 милиони долари за итна помош, вклучувајќи храна, засолништа и чиста вода за пиење.
Пакистанскиот премиер Јусуф Раза Џилани кој исто така го посети регионот, повика на дополнителна меѓународна помош.
Два хелихоптера на американската армија беа првите од 19-те што пристигнаа во Пакистан во четвртокот од Американскиот носач на авиони во Арапското Море. Хеликоптерите ќе помогнат во хуманитарните напори во оваа земја.