Линкови за пристапност

Опозициските партии се здружија во Сојуз за иднината


“Иднината на граѓаните е поважна од теснопартиските интереси и од некогашните недоразбирања“, изјави водачот на СДСМ Бранко Црвенковски.

Опозициските партии од лева и десна политичка провениенција се здружија во Сојуз за иднината. Во Сојузот се поранешните лути противници - Бранко Црвековски, водачот на СДСМ и Љубчо Георгиевски, првиот човек на ВМРО-Народна партија (ВМРО-НП). Со нив се и Либерално- демократската партија (ЛДП) и Достоинство.

„Многумина се сомневаа дали е можно да се случи ваква соработка. Не е спорно дека сме различни. Во минатото сме воделе тешки политички битки, сме се напаѓале и сме се навредувале. Но, сега сите сме согласни дека предизвикот пред кој е исправена Македонија е поголем од нашите разлики. Иднината на граѓаните е поважна од теснопартиските интереси и од некогашните недоразбирања“, изјави Бранко Црвенковски на промоцијата на опозицискиот сојуз.

Декларацијата за соработка беше потпишана токму на празникот со кој се одбележува основањето на ВМРО.
Прашан зошто Сојузот го избра овој ден за да ја промовира соработката, Андреј Жерновски од ЛДП изјави: „Јас сум ВМРО, вие сте ВМРО, само не сме ДПМНЕ“, додавајќи дека и покрај разликите во партиските платформи, ги зближува една работа - љубовта кон Македонија.

Љубчо Георгиевски рече дека прифаќа со оваа коалиција да раководи Бранко Црвенковски бидејќи е време да се надминат суетите и да се посвети внимание на Македонија.

„Со Црвенковски пиемвме кафе само кога ја разменуваме власта, да го правевме тоа почесто Македонија немаше да биде во ваква состојба“, изјави Георгиевски, нагласувајќи дека нема амбиции во иднина да се кандидира за ниту една функција во државата.

Здружените опозициски партии порачаа дека на иста маса ги седнала сиромаштијата и невработеноста, како и уназадувањето на демократските процеси.

На веста за обединувањето реагираа од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, која не верува дека опозиционерите се здружуваат во името на иднината на Македонија.

„Ние не веруваме во тоа. А мислиме дека и самите тие не веруваат. Не можеме да поверуваме дека Бранко Црвенковски мисли дека Љубчо Георгиевски е иднината на Македонија. И без разлика што го најдоа најглупавото образложение зошто се здружуваа, демек не било за власт, туку Бранко и Љубчо биле загрижени за Македонија, сакаме да ги прашаме дали се` уште смета Бранко дека Љубчо е Бугарин и луд, а Љубчо дали смета дека Бранко е криминалец, пијаница и зависник. Ако не мислат, нека кажат зошто глумеле и лажеле пред народот“, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

На крајот од неделава опозицијата најави митинг во Скопје на кој ке бидат промовирани кандидатите за градоначалници на претстојните локални избори.
XS
SM
MD
LG