Наслаги од излеаната нафта од потонатата платформа во Мексиканскиот Залив, се забележани и на крајбрежјето на Флорида, додека нафтениот гигант Бритиш петролеум ги продолжува напорите за спречување на шестнеделното протекување.
Нафта е забележана и долж бреговите на сојузните држави Луизијана, Алабама и Мисисипи. Ова е најголемото излевање на нафта во американската историја.
БП користи подводни роботи за сечење на цевките, како дел од најновиот план за спречување на излевањето од оштетениот бунар до брегот на Луизијана.
По сечење на цевките, инженерите се надеваат дека ќе успеат да го наместат поклопецот над отворот на бунарот, да го прицврстат, а потоа да ја испумпаат нафтата на брод на површината. Сечењето започна во вторник.
Претставници на компанијата признаа дека најновиот обид е ризичен бидејќи во најмала рака привремено ќе го зголеми излевањето на нафта од оштетениот бунар.
Пограничната служба и претставници на БП рекоа дека ќе бидат потребни три дена пред бунарот да биде поклопен.