Во неколку американски сојузни држави се одбележува првата годишнина од експлозијата на нафтената платформа за дупчење во Мексиканскиот Залив, а фокусот е ставен на подигање на свеста за заштита на животната средина.
Во инцидентот на платформата на нафтениот гигант Бритиш петролеум на 20-ти април 2010-та година загинаа 11 работници и беше причинето најголемо нафтено излевање во американската историја. Нафтата во океанот се излеваше точно 85 дена пред бунарот да биде запечатен во јули.
Жителите тврдат дека крајбрежјето се` уште има остатоци од нафта. Експертите велат дека иако првичната штета не изгледа толку трагична колку што се претпоставуваше, можно е да поминат години пред да се добие комплетна претстава.
Додека туризмот во овие области полека се враќа во нормала, риболовците велат дека нивниот бизнис не се опоравил.