Американските претставници велат дека не се задоволни со напорите на „Бритиш Петролеум“ за испумпување на нафтата од дефектниот бунар во Мексиканскиот Залив.
Секретарот за внатрешни работи Кен Салазар и секретарката за домашна безбедност Џенет Наполитано, велат дека „нема да се смират“ додека БП трајно не го запечати отворот од каде се излева нафтата и не ја исчисти одлеаната нафта.
Компанијата користи туба долга речиси два километра за спроведување на нафтата од пукнатата цевка во танкер на површината на водата.
Салазар и Наполитано велат дека техниката „не е решение за проблемот“, додавајќи дека не е јасно колку ќе биде успешна.
Од цевката што беше оштетена во експлозија на платформата на 20-ти април, досега имаат истечено стотици илјади литри нафта во Мексиканскиот Залив.
Во понеделник, Наполитано и директорот на БП Америка Ламар Мекеј ќе сведочат пред сенатска комисија за проценка на реакцијата по инцидентот.