Американскиот претседател Барак Обама понеделникот повторно ќе го посети Мексиканскиот Залив, каде ќе престојува во три држави погодени од катастрофалното нафтено излевање по несреќата на платформа за подводно дупчење на компанијата Бритиш петролеум.
Адмиралот Тед Ален од Крајбрежната гарда, главниот владин претставник задолжен за реакција на катастрофата, пред посетата го информираше Обама за најновиот развој на ситуацијата. Американскиот претседател ќе одржи тркалезна маса и ќе се сретне со локалното население во Мисисипи, од каде ќе замине во Алабама, за да изврши проценка на акцијата за чистење, а ноќта ќе ја мине во Флорида.
Ова е негова прва посета на Мисисипи, Алабама и Флорида по несреќата. Обама претходно на трипати престојуваше во Луизијана, најтешко погодената сојузна држава.
Во вторник претседателот од Белата куќа ќе и` се обрати на нацијата, изложувајќи го неговиот план за помош. Во среда, пак, ќе се сретне со раководните лица на Бритиш петролеум од кои ќе побара да отворат специјална сметка за отштета на поединци и компании погодени од катастрофата.