„Пресреќна сум што сум со вас и што идејата на мојот сопруг и моја се оствари - еден концерт да прерасне во музички фестивал. Да е вечно Охридско лето, како што е вечна Македонија“ - со овие зборови понеделникот навечер во Античкиот театар во Охрид го отвори 50-тото издание на фестивалот оперската певица Ана Липша Тофовиќ.
„Охридско лето стана втор дом за многу светски познати изведувачи како што се виртуозите Коган, Шеринг, Навара, Карерас, Зубин Мехта и Џеси Норман, но и за бројните реномирани македонски изведувачи. Фестивалот го збогатија македонски и балкански актери и режисери кои на сцената ги оживуваат делата на драмските класици и современите автори“, изјави претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов.
Иванов во предвечерјето на фестивалот ја одликуваа манифестацијата со Орден за заслуги за Македонија, за долгогодишно успешно промовирање на македонската култура и афирмација на државата.
„Самиот синоним „Охридско лето“ ја загуби временската основна категорија на кованица од зборови и стана морфолошки, но и онтолошки симбол за фестивалот на музиката, танцот и театарските претстави“, истакна министерката за култура на Република Македонија, Елизабета Канчевска - Милевска.
Рускиот национален оркестар под диригентската палка на маестро Михаил Плетнев ги собра аплаузите на публиката. Честа да настапи на отварањето на 50-тото јубилејно издание му припадна и на македонскиот пијано виртуоз Симон Трпчески.