Линкови за пристапност

Во Охрид меѓународна дебата за религијата и културата


Во Охрид меѓународна дебата за религијата и културата
Во Охрид меѓународна дебата за религијата и културата

500-тина учесници на Втората светска конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог

Под мотото „Религијата и културата - нераскинлива врска меѓународите“, во Охрид средата започна Втората светска конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог.

Се очекува присуство на околу 480 домашни и странски гости од повеќе од 30 земји, истакнати политичари, научни и културни работници, видни експерти и универзитетски професори кои се занимаваат со прашања од областа на религијата и културата, претставници на меѓународни и на младински организации, како и претставници на невладиниот граѓански сектор.

Придонес ќе дадат и претставници на римокатоличката, муслиманската, евангелистичко-методистичката верописповед, Црквата на Исус Христос, будисти, претставници на еврејската заедница, адвентисти, протестанти. Присуство најавија виши црковни лица од Русија, Албанија, Ерменија, Индија, Либан, Ватикан, Израел, Швајцарија, Австрија и САД.

Преку размена на мислења и искуства на претставници на различни религии и култури, на конференцијата ќе се промовираат религијата и културата како фактори на мирот. Воедно ќе се подвлече фактот дека почитувањето на верските права и на културната разновидност е темел на мирот и просперитетот. На конференцијата ќе биде потенцирана и улогата на религијата и на културата во трансформацијата на општеството. Според најавите, на собирот ќе биде акцентирано дека културата може да одигра клучна улога во надминувањето на верските и расните предрасуди и на меѓународните нетрпеливости, негувајќи го вековното, традиционално разбирање во меѓуетничките односи.

Конференцијата се организира во рамки на Меѓународната година на ОН за зближување на културите. Настанот е во рамките на „Декадата за дијалог помеѓу цивилизациите“ и „Декадата за култура на мирот на ОН и УНЕСКО“ и претставува континуитет на дијалогот започнат во Охрид од 26-ти до 28-ми октомври 2007-ма година.

Со реализацијата на Втората светска конференција ќе се одбележат три значајни јубилеи во Република Македонија: 100 години од раѓањето на светската хуманистка Мајка Тереза, 1.100 години од упокојувањето на Св. Наум и 1.400 години од објавувањето на првото издание на Куранот.

Организатор на Конференцијата е Министерството за култура во соработка со Комисијата за односи со верските заедници на Република Македонија. Настанот е поддржан од Владата на Република Македонија и од УНЕСКО.

XS
SM
MD
LG