Американскиот претседател Барак Обама соопшти дека постигнал компромис со опозиционите републиканци по легислативата за продолжување на даночните скратувања и бенефициите за невработените, како дел од обидите за зајакнување на економското опоравување.
„Ова е основата за двопартиски договор. Наредните две години, секое американско семејство ќе ги задржи даночните скратувања, не само од времето на претседателот Буш, туку и оние воведени изминативе две години, а кои им помагаат на родителите, студентите и други луѓе навремено да ги подмируваат сметките“, истакна американскиот лидер.
Изјавата на Обама уследи по еднонеделни интензивни преговори по прашањето за износот на даноците усвоен од Конгресот во 2001-та и 2003-та година.
Договорот вклучува продолжување на рокот на сите даночни скратувања од ерата на Буш, како и продолжување на бенефициите за невработените Американци за дополнителни 13 месеци.
Републиканците побараа гаранции дека ратите би се продолжиле за најбогатите два процента од Американците и за средната класа. Тие се заканија дека ќе ја стопираат работата во Сенатот до крајот на годинава, доколку не ги добијат тие гаранции. Претседателот и членовите на неговата партија сакаа да ги обноват даночните скратувања за сите, освен за Американците со високи примања.
Барак Обама изјави дека не е задоволен со делови од компромисот.
„Не се сомневам дека има работи што не им се допаѓаат на сите. Има работи овде што и мене не ми се допаѓаат, како продолжување на даночните скратувања за најбогатите. Рокот на оваа мерка истекува за две години и засега верувам дека двопартискиот план е вистинското решение“.
Ова е голем потег, иако во техничка смисла не е финален. За него ќе се гласа и во Претставничкиот дом и во Сенатот.