Линкови за пристапност

Инцидентот во Аризона во фокусот на годишното обраќање до нацијата на Обама


Инцидентот во Аризона во фокусот на годишното обраќање до нацијата на Обама

Особено во врска со настанот во Тусон, претседателот ќе обрне внимание на потребата од поголема одмереност во дискусиите на национално ниво

Американскиот претседател Барак Обама и неговиот кабинет за редовното годишно обраќање до нацијата се подготвуваат со месеци. Конгресот му испраќа формална покана, а одреден е и датумот - 25-ти јануари.

Во поканата од новиот републикански спикер на Претставничкиот дом, Џон Бонер се осврнува на вооружениот инцидент во Аризона, велејќи дека дури и во услови на трагедија, Американците, „никогаш не смеат да ги занемарат своите обврски за исполнување на својата волја и обезбедување на решенија за напредок на САД“.

Обраќањето на Обама ќе биде точно на две недели од инцидентот во Тусон, Аризона, каде осомничен вооружен напаѓач уби шест, а повреди 14 лица.

Претседателот Обама даде увид во тоа каква порака сака да пренесе при овогодишното обраќање до нацијата, за време на изјавата за новинарите по средбата со францускиот претседател Николас Саркози.

„Сметам дека ќе биде од особена важност за земјата во целост, како и за жителите на Аризона, освен директно за чувството на загуба, да зборуваме и за нашите надежи за иднината и како од оваа трагедија треба да излеземе како посилна нација“, истакна американскиот лидер.

Обраќањето се случува во период на жестока дебата за мотивот на обвинетиот напаѓач, иако засега нема доказ дека вжештената политичка реторика во земјата придонела за мотивот на извршителот на делото.

Особено во врска со настанот во Тусон, се очекува претседателот да обрне внимание на потребата од поголема одмереност во дискусиите на национално ниво и да ги повика политичарите и медиумите за влијанието што можат да го имаат одредени зборови врз јавноста.

Според најавите од Белата куќа, Обама во говорот можно е и да се повика на ставовите на други актуелни и поранешни политички фигури. Еден од нив е поранешниот претседател Бил Клинтон, кога во интервју за Би-Би-Си, тој ги повика Американците да не дозволат политичките разлики да „дегенерираат во демонизација“ и предложи Претставничкиот дом, во моментов под контрола на републиканците, да биде место каде ќе започне процесот на смирување на политичките страсти.

XS
SM
MD
LG