Линкови за пристапност

Економијата во САД клучна за реизбор на Обама


Економијата во САД клучна за реизбор на Обама
Економијата во САД клучна за реизбор на Обама

Обама и официјално кандидат за втор мандат, републикански противкандидат засега нема

Во трендот на најновиот вид комуникација на политичка сцена, одлуката и информацијата за повторна кандидатура на американскиот претседател Барак Обама беше испратена преку електронска пошта и текст-пораки до милиони негови симпатизери.

Пораката содржи и кус видео материјал каде поддржувачите на актуелниот претседател ги повикуваат гласачите да се фокусираат на изборите во 2012-та.

„Не оставаме на случајност, не сметаме дека треба да се потпираме на тоа што јас сум веќе во Белата куќа, туку ова ќе бидат избори на кои мора да победиме“, вели Обама во видеото.

Рејтингот на претседателот е до некаде поправен по времето кога минатиот ноември републиканците победија на конгресните избори со што ја презедоа контролата во Претставничкиот дом и го намалија мнозинството на демократите во Сенатот.

Претседателот има околу 50 проценти поддршка според повеќето анкети и поголем дел од експертите на Обама му даваат мала предност во претседателската трка против републиканскиот противкандидат, кој допрва треба да се искристализира.

Сепак, Питер Браун од Универзитетот Квинипак, одговорен за неколку испитувања на јавното мислење, забележал одредено намалување на рејтингот на претседателот, и вели дека гласачите ќе почнат да обрнуваат поголемо внимание на кампањата во месеците што следат.

„Ова е клучен момент. Доколку рејтингот продолжи да опаѓа и ако, на пример, поддршката на претседателот е само 30 проценти, тоа ќе биде голем проблем за него и шансите за реизбор“, вели овој стручњак.

Рејтингот на претседателот честопати оди рамо до рамо со тоа како гласачите се чувствуваат во однос на домашната економија. Белата куќа минатата недела прими добра вест со најновиот извештај на Одделот за труд според кој нивото на невработеност во САД забележало пад и сега изнесува 8,8 проценти, што е најниско за изминативе две години.

Стивен Хес е од Институцијата Брукингс во Вашингтон. За него нема дилеми дека следните избори, повеќе од што било, ќе зависат од стапката на вработеност во САД.

Експертот Лари Сабато, од Универзитетот Вирџинија, вели дека единственото најбитно прашање за исходот на изборите наредната година, ќе биде како гласачите ќе го рангираат справувањето на претседателот Обама со економијата во земјата.

Покрај економијата, голем удел за успешен евентуален реизбор ќе има и надворешната политика, земајќи ја предвид актуелната ситуација во Либија, случувањата на Блискиот исток воопшто и очекуваното намалување на бројот на одредени американски војници од Авганистан подоцна годинава.

Преку 10-тина републиканци најавија можна кандидатура за претседателските избори, но никој досега нема официјално соопштено во јавноста. Експертот Лари Сабато вели дека ова на претседателот Обама му дава и предвремена предност во однос на присутност во медиумите и собирање на финансиски средства за престојната кампања.

Ако се земе предвид досегашната историја, претседателот Обама е фаворит за реизбор. Од Втората светска војна, наваму, само двајца американски претседатели загубиле во тркаат за втор мандат, Џими Картер во 1980-та и Џорџ Херберт Вокер Буш во 1992-та година.

XS
SM
MD
LG