Американскиот претседател Барак Обама е домаќин на конференција на која учествуваат преку 250 бизнисмени, повеќето од земји со доминантно муслиманско население, надевајќи се дека на овој начин ќе промовира подобри деловни односи меѓу САД и муслиманскиот свет.
Дводневниот самит што во понеделник започна во Вашингтон практично e исполнување на ветувањето што Обама го даде минатиот јуни за време на говорот во Каиро, за продлабочување на американските односи со заедниците со доминантно муслиманско население.
Американскиот заменик-советник за национална безбедност Бен Родс изјави дека бизнис-партнерството е „фундаментална американска вредност“ и може да ги отвори вратите за луѓето ширум светот.
Целта на конференцијата е на едно место да се соберат млади, но и искусни бизнисмени, владини претставници, банкари и други експерти. На самитот ќе се дискутира и за зголемен ангажман на жените инволвирани во бизнисот, како и за креирање на позитивна клима за отварање на нови бизниси.