Линкови за пристапност

На два пати средба Обама – Нетанјаху во Белата куќа


Од канцеларијата на Нетанјаху велат дека разговорите се одржале во „добра атмосфера“ и дека советниците на двајцата лидери ќе ги продолжат средбите и во среда.

Американскиот претседател Барак Обама на два пати во Белата куќа се сретна со израелскиот премиер Бенџамин Нетанјаху, додека двајцата сојузници се обидуваат да го решат спорот околу израелските планови за изградба на станови во источен Ерусалим.

Американски претставници велат дека Обама иницијално се сретнал со Нетанјаху и разговорите траеле час и половина, пред да замине во неговата резиденција. Претседателот потоа повторно се вратил во Овалната канцеларија за втора, 35-минутна средба со Нетанјаху, откако израелскиот лидер се консултирал со своите советници.

Белата куќа не издаде соопштение по средбата и ги држеше фотографите подалеку од разговорите, што е невообичаенo за посета на клучен американски сојузник.

Од канцеларијата на Нетанјаху велат дека разговорите се одржале во „добра атмосфера“ и дека советниците на двајцата лидери ќе ги продолжат средбите и во среда.

Администрацијата на Обама порано месецов го осуди Израел за одлуката да гради 1.600 станови за Евреите во источен Ерусалим, територија што Палестинците ја сметаат за иден главен град. Израел го зазеде источен Ерусалим во војната од 1967-та и го присоедини, но овој потег не е меѓународно признат.

XS
SM
MD
LG