Линкови за пристапност

Обама го смени Мекристал


Обама рече дека иако било тешко да се загуби лидерството на Мекристал, се работи за правилна одлука од аспект на националната безбедност.

Американскиот претседател Барак Обама ја прифати оставката на генералот Стенли Мекристал на функцијата главен американски командант во Авганистан.

Обама ја објави оставката средата во Белата куќа, по коментарите на генералот и неговиот персонал во новински напис, во кои се потсмеваат на првите лица на владата.

Претседателот на местото на Мекристал го именуваше генералот Дејвид Петреус, првиот човек на Американската централна команда, коментирајќи дека потегот ќе овозможи САД да го одржат интензитетот во војната.

Обама рече дека иако било тешко да се загуби лидерството на Мекристал, се работи за правилна одлука од аспект на националната безбедност. Коментарите во новинскиот напис не ги исполуваат стандардите на однесување на команден генерал, додаде првиот човек на САД.

Во изјава откако претседателот ја објави смената, Мекристал кажа дека понудил оставка поради својата желба да успее американската мисија во Авганистан. Мекристал наведува и дека енергично ја поддржува стратегијата на претседателот во Авганистан и останува длабоко посветен на коалиционите сили, партнерските земји и Авганистанците.

Мекристал беше свикан во Белата куќа по објавување на написот „Одбегнатиот генерал“ во магазинот Ролинг стоун, во кој се цитираат блиски советници на Мекристал како нарекуваат виш претставник на администрацијата на Обама „кловн“, а за друг велат дека е „рането животно“. Во текстот се наведува дека генералот бил „разочаран“ од првата средба со претседателот.

XS
SM
MD
LG