Американскиот претседател Барак Обама и британскиот премиер Дејвид Камерун најавија дека армиската операција во Либија ќе продолжи се` додека водачот Моамар Гадафи не прекине да ги напаѓа цивилите и не се откаже од власта.
На заедничката прес-конференција во Лондон, Обама рече дека притисокот врз Гадафи нема да попушти, а Камерун најави дека Британија ќе разгледа како тој притисок да зајакне. Обајцата подвлекоа дека целта е Либијците да можат сами да одлучат за својата иднина. Обама, кој е во посета на Британија во рамки на европската турнеја по четири земји, верува дека акцијата на НАТО во Либија на крајот ќе успее да ги ослаби силите на Гадафи, но дека се работи за бавен и постепен процес.
Обама рече и дека САД и европските сојузници го зголемуваат притисокот врз сирискиот претседател Башар ал-Асад, чии сили за безбедност ги напаѓаат противвладините демонстранти.
Камерун најави дека со Обама на претстојниот самит на Групата 8 во Франција ќе побараат да се изготви една поголема програма за економска и политика поддршка за земјите од Блискиот Исток и Северна Африка кои се залагаат за реформи, односно дека ќе застанат зад оние кои работат во полза на слободата.
На дневен ред на Обама е и обраќање во британскиот Парламент.