Американскиот претседател Барак Обама вторникот започна дводневна турнеја по неколку сојузни држави во среднозападниот дел на САД, на која ќе ја промовира својата економска политика пред скептичните гласачи.
Обама ќе престојува во мали градови и општини, а ќе посети и погон за производство на енергија од ветер во Ајова, пред да замине за Мисури, а потоа и во неговата сојузна држава Илиноис.
Претседателот ќе се обиде да ги убеди гласачите во државите кои се соочуваат со економски проблеми дека неговата политика, вклучувајќи го и стимулативниот план од 787 милијарди долари што минатата година беше усвоен во Конгресот, ја водат земјата во вистинска насока кон опоравување од економската криза.
На американскиот лидер му претстои тешка битка со оглед на фактот дека нивото на невработеност во некои делови на споменатите сојузни држави е над националниот просек од 9,7 проценти.