Линкови за пристапност

Обама бара Конгресот да се зафати со имиграционата политика


Обама бара Конгресот да се зафати со имиграционата политика
Обама бара Конгресот да се зафати со имиграционата политика

Претседателот зборуваше на одбележувањето на празникот на мексиканската култура во Белата куќа.

По успехот со реформата на здравствениот систем, претседателот Барак Обама сака да се зафати со друг голем проект - реформа на имиграционата политика на САД.

Дали реформите во имиграционата политика имаат шанси да минат во актуелната поделена атмосфера на Капитол Хил, останува да се види.

Претседателот има кажано дека знае оти ова е тешко прашање и дека покрај помошта од демократите ќе биде потребна помош и од републиканците за да се донесе ваква регулатива.

Обама во четвртокот кажа дека би сакал напредок по прашањето, и тоа оваа година.

„Сакам да почнам да работам на ова годинава и сакам демократите и републиканците да работат со мене“, истакна американскиот лидер на одбележувањето на Синко де Мајо, празник на мексиканската култура во САД, што се одржа во Белата куќа.

На околу шест месеци пред конгресните избори, јасно е дека секаков обид во оваа насока ќе треба да произлезе од Сенатот.

Минатата недела демократите обелоденија, како што го нарекоа, концептуален предлог за реформа, вклучувајќи елементи како заострени погранични контроли и можност за државјанство за околу 12 милиони илегални имигранти во земјата.

Во моментов во центарот на имиграционата дебата е контроверзниот закон во Аризона со кој од не-американските граѓани се бара во секое време да носат документи како доказ за нивниот легален статус и со кој полицијата се овластува да испрашува поединци за кои постои сомневање дека немаат соодветни документи.

Повторувајќи ја неговата критика на законот во Аризона, претседателот истакна дека одговорот на имиграцијата не е да се подријат фундаменталните принципи што ја дефинираат Америка.

„Не можеме да почнеме да прозиваме луѓе само поради изгледот или јазикот. Не можеме американските граѓани и имигранти со ниски примања да ги правиме предмет на сомнеж и злоупотреба. Тоа не е одговорот, тоа не е она што сме ние, како Соединети Американски Држави“, истакна претседателот Обама.

Во Конгресот мислењата се поделени. Во претставничкиот дом, демократот од Калифорнија Џо Бака и републиканецот од Тексас Ламар Смит рекоа дека „неуставниот закон во Аризона е инспириран од расизам и ќе води кон расно профилирање на латино-американското население и луѓето кои не се белци“, и дека „можеби од облакодер од Њујорк, не се гледа пограничното насилство, шверцот на луѓе, шверцот со дрога, загубените работни места и преполните училишта, во голем дел причинет од оние кои ги прекршуваат имиграционите закони“.

Претседателот Обама за две недели ќе се сретне со мексиканскиот претседател Филипе Калдерон. Тоа може да донесе нов импулс на дебатата за имиграцијата.

XS
SM
MD
LG