Линкови за пристапност

Обама за буџетот – тежок избор, претстои уште многу работа


Обама за буџетот – тежок избор, претстои уште многу работа
Обама за буџетот – тежок избор, претстои уште многу работа

По серија конгресни распити, републиканците планираат во април да објават сопствен предлог за буџетот за 2012 година

Проценката за буџетот за 2012 година е 3,73 трилиони долари, со 1,1 трилион планирана заштеда во тек на наредната децецнија со намалување на трошоците и зголемување на даноците, вклучувајќи ги 400-те милијарди од 5-годишното замрзнување на домашните трошоците.

Главно како резултат на договорот за даноци што претседателот го постигна со републиканците минатата година, дефицитот за 2011 година се очекува да се зголеми за рекордни 1,65 трилиони долари. Ова е четврта година по ред како дефицитот во САД ја надминува бројката од еден трилион, иако администрацијата вели дека таа ќе се намали до наредната година.

Обама истакна дека со предложениот буџет се предвидуваат заштеди на непотребни програми, се воведува поголема одговорност во области за кои тој е многу заинтересиран, како енергетска помош и други програми наменети за Американците со ниски примања.

Претседателот ја истакна потребата од инвестирање во образованието и други области за кои вели дека се витални за иднината на нацијата.

„Додека е апсолутно неопходно да се живее во рамки на можностите, ние сме определени да соработуваме со демократите и републиканците во наоѓање дополнителни заштеди, зашто не можеме да ја жртвуваме нашата иднина во процесот“, истакна Обама.

Буџетот предвудува елиминирање или скратување на околу 200 владини програми, но се предлага зголемување на програмите за образование, истражување и развој, заштеда на енергија, инфраструктура за транспорт, вклучувајќи и предлог за изградба на нова брза железница.

Обама се` уште нема донесено одлука како да постапи со предлозите на двопартиската претседателска комисија за драстично намалување на дефицитот и долговите.

Претседателот додаде дека е очигледно оти намалувањето на домашните годишни трошоци, нема да биде доволно за да се исполнат долгорочните фискални предизвици потенцирајќи дека наредните месеци ќе биде потребна двопартиска соработка.

“Ние практично ставивме капар. Но престои уште многу работа и затоа ќе треба соработка меѓу демократите и републиканците за ова да се оствари“, истакна Обама.

Тој го спомена предложеното намалување на трошоците на Пентагон во наредните пет години, чекори за прекин на даночните олеснувања за компаниите за нафта и гас, како и редуцирање на непотребните трошоци за здравствена заштита - како дел од напорите за намалување на дефицитот.

Повеќето од инвестициите кои претседателот ги окарактеризира како неопходни за иден пораст на бројот на работни места во САД и компетитивноста на пазарот, републиканците ги сметаат за непотребни трошоци. Тие предлагаат скратувања за актуелната фискална година од 100 милијарди долари.

Спикерот на Претставничкиот дом, конгресменот од Охајо, Џон Бонер, издаде соопштение велејќи дека предлог-буџетот на претседателот ќе „уништи работни места“ и ќе го продолжи „трендот на трошење“.

По серија конгресни распити, републиканците планираат во април да објават сопствен предлог за буџетот за 2012 година, за кој Бонер рече дека „значително ќе се разликува“ со планот за трошоци испратен до Конгресот во понеделникот.

XS
SM
MD
LG