Официјални лица ги брифираа новинарите за текот на операцијата на убиство на водачот на ал Каида Осама бин Ладен во Пакистан, наведувајќи дека не се во состојба целосно да ја обелоденат.
Владини претставници акцијата ја нарекоа опасна и прецизна, изведена со помош на мал хелихоптер со неколкучлен тим специјалци во Аботабад, Пакистан, северно од Исламабад.
Според официјални лица, резиденцијата на Осама бин Ладен постоела пет години под силно обезбедување, вклучувајќи дебели ѕидови обложени со бодликава жица, со само неколку прозорци и два безбедносни влеза. Локацијата немала ниту телефонска ниту Интернет врска.
Според владините лица, бин Ладен пружил отпор на операцијата по што бил убиен.
Американските специјалци останале на теренот 40-тина минути и немале контакт со локалните пакистански власти. Американски владини претставници додадоа и дека мисијата била така осмислена да се избегне секаков вид на колатерална штета и ризик за пакистанското цивилно население во областа.
Во престрелката биле убиени тројца возрасни луѓе, вклучувајќи, како што се верува двајца од куририте на бин Ладен, а третиот се верува дека е еден од постарите синови на бин Ладен.
Од неколкуте жени и деца во резиденцијата, американските власти рекоа дека една жена била убиена во ситуација кога била користена како штит, а две други жени се повредени.
Во акцијата, како што соопштија надлежните, заради механишки проблеми, бил уништен еден американски хелихоптер, додавајќи дека потоа леталото било уништено од безбедносни причини. Специјалците потоа употребиле друг хелихоптер за да го напуштат теренот.
Виши претставници на администрацијата рекоа дека преземени се чекори за да се обезбеди дека телото на бин Ладен било третирано „согласно исламските обичаи и традиција“, нешто што, како што велат надлежните, САД го сфаќаат мошне сериозно.
Според владините лица, САД се „мошне загрижени“ поради фактот што Осама бин Ладен живеел во Пакистан, додавајќи дека тое нешто на кое ќе мора да продолжат да соработуват со пакистанската влада.
Виш американски претставник соопшти дека за планираната операција знаеле само мала група на луѓе во рамки на американската влада.
Властите рекоа дека почнувајќи од септември минатата година ЦИА започнала да соработува со американскиот претседател Барак Обама на „неколку проценки“, што довеле агенциајат да верува дека Осама бин Ладен се наоѓа на локација во Пакистан. Веќе кон средината на февруари, властите рекоа дека по серија интензивни средби, се одлучило дека има доволно разузнавачки информации за преземање на поагресивна акција.
Потоа се одржале и серија состаноци со Советот за национална безбедност кон средина на март и почеток на април, а претседателот Обама дал конечна наредба за извршување на операцијата утрото, на 29-ти април.