Линкови за пристапност

„Без изненадувања“ во политиката на Белата куќа спрема Авганистан


„Без изненадувања“ во политиката на Белата куќа спрема Авганистан
„Без изненадувања“ во политиката на Белата куќа спрема Авганистан

Најновиот извештај не повикува на никакви натамошни промени во бројот на американските и трупите на НАТО во Авганистан

Американскскиот претседател Барак Обама во четврток ќе говори за ревизијата на неговата администрација на политиката на САД во Авганистан и Пакистан.

Портпаролот на Белата куќа Роберт Гибс вели дека извештајот нема да содржи никакви изненадувања и како резултат на тоа, претседателот нема да направи никакви промени.

Гибс истакна дека администрацијата е задоволна со напредокот изминативе неколку години.

„Постигнат е значителен напредок за сопирање на насилството на Талебан во Авганистан. Имаме успех во деградирање на виши лидери на Ал-Каида. Изминативе 18 месеци забележана е поголема соработка со пакистанската влада“, истакна Гибс.

Сепак, портпаролот на претседателот Обама додаде дека одредени предизвици и натаму постојат.

„Треба да продолжиме со јакнење на капацитетот во Авганистан и натаму пред нас е продолжителниот предизвик и заканата за засолништа за терористите во Пакистан“, изјави Гибс.

Портпаролот на Белата куќа рече дека сепак нема сомнеж оти воените напори се одвиваат подобро споредено со пред една година.

Советниците на претседателот Обама за Авганистан и Пакистан се сретнаа во вторникот на разговори за ситуацијата во регионот.

Обама посочи да биде изготвена конечна верзија на извештајот и побара да бидат извршени незначителни промени.

Гибс истакна дека извештајот не повикува на никакви натамошни промени во бројот на американските и трупите на НАТО во Авганистан. Тој додаде дека во документот се потврдува дека одговорноста за безбедноста на земјата треба да почне да преминува во рацете на Авганистанците како што е планирано, во јули 2011-та година. Процесот се очекува да заврши кон крајот на 2014 година.

На состанокот беше воочливо празното место за Ричард Холбрук, американскиот специјален претставник за Авганистан и Пакистан кој почина во понеделникот. Портпаролот Роберт Гибс го нарече „уникатна фигура во надворешната политика“. Тој додаде дека Холбрук е незаменлив, и дека немало дискусии за тоа кој би можел да дојде на неговото место. Гибс подвлече дека во меѓувреме, тимот на Холбрук ќе ја продолжи неговата мисија.

XS
SM
MD
LG