Поранешниот лидер на Панама Мануел Нориега пристигна во Париз, откако беше екстрадиран од САД.
Од американскиот Стејт департмент велат дека државната секретарка Хилари Клинтон наредбата ја потпишала во понеделникот и со тоа Нориега се испраќа во Франција каде се соочува со обвиненија за перење на пари.
Адвокатите на Нориега изјавија дека дознале за одлуката од новинари, наместо од американски претставници, и се пожалија на таквиот третман.
Поранешниот диктатор се предаде на американските трупи во јануари 1990, кусо време откако САД извршија инвазија на Панама. Тој во 1992 беше осуден за трговија со дрога, а против него беа покренати и други обвиненија.
Нориега остана во притвор и покрај комплетирање на затворската казна во 2007, во време кога и Франција и Панама поднесоа барања за негова екстрадиција.