Линкови за пристапност

Холдер: Осомничениот за автомобилот-бомба во Њујорк ја признал кривицата


Холдер: Осомничениот за автомобилот-бомба во Њујорк ја признал кривицата
Холдер: Осомничениот за автомобилот-бомба во Њујорк ја признал кривицата

30-годишниот американски државјанин со пакистанско потекло Фаисал Шазад уапсен при обидот да ги напушти САД.

Американскиот главен правобранител Ерик Холдер вели дека американскиот државјанин со пакистанско потекло Фаисал Шазад ја признал својата улога во неуспешниот напад со автомобил-бомба на Тајмс сквер во Њујорк. Холдер во изјавата потенцираше дека нападот претставува „терористички заговор чија цел била убиство на Американци“.

Според властите, осомничениот тврди дека дејствувал самостојно, но дека сепак ги истражуваат сите можни врски во случајот, меѓу кои и меѓународните.

Пакистански разузнавачки претставници соопштија дека било уапсено најмалку едно лице поврзано со Шазад во градот Карачи на југот на земјата. Холдер рече дека не може да ја потврди таквата информација.

30-годишниот Шазад бил уапсен доцна понеделникот на аеродромот Џон Ф. Кенеди во Њујорк, кога се обидел да замине на лет од Њујорк до Дубаи.

Централниот доказен материјал во случајот е возилото на Тајмс сквер натоварено со петарди, контејнери со пропан и бензин, ѓубриво и тајмери. Уличен продавач саботата ја алармирал полицијата кога забележал дека од возилото се извива чад, по што тој дел на Њујорк беше евакуиран, а специјалци го деактивираа и отстранија експлозивниот материјал.

Американскиот претседател Барак Обама вторникот изјави дека Американците нема да бидат тероризирани и да живеат во страв.

Шазад пред федерален суд треба да се изјасни по основа на обинение за тероризам.

Властите велат дека Шазад, кој живеел во соседната сојузна држава Конектикат, платил во готово кога го купил автомобилот марка Нисан петфајндер, употребено во неуспешниот напад.

XS
SM
MD
LG