Линкови за пристапност

Ендевор помага во потрагата по прапочетокот


Ендевор помага во потрагата по прапочетокот
Ендевор помага во потрагата по прапочетокот

Спејс-шатлот ќе донесе детектор за честици на Меѓународната вселенска станица што ќе трага по антиматерија и темна материја

Научниците се надеваат да дознаат повеќе за настанокот на вселената откако на Меѓународната вселенска станица ќе биде инсталиран софистициран детектор за честици што ќе трага по антиматерија и темна материја. Алфа магнетскиот спектрометар на Станицата ќе го донесе спејс-шатлот Ендевор наредниот месец.

Командантот на Ендевор Марк Кели на прес-конференцијата во НАСА кажа дека научниците го усовршувале детекторот цели 16 години.

„Ќе трага по антиматерија, темна материја, темна енергија. Плод е на соработката на 600 научници од 16 земји. Возбудени сме за тоа што ова ќе значи за научната работа на Меѓународната вселенска станица и расветлувањето на настанокот на вселената“, кажа Кели.

Антиматерија, темна материја, настанок на вселената – сето тоа може да звучи сложено. Дека не е така, уверува главниот истражувач на проектот Алфа магнетски спектрометар, Самуел Тинг од Инстутот за технологија во Масачусетс.

„Во физиката, се` е навидум комплицирано, но основната идеја секогаш е едноставна“, коментира овој научник. Појаснува дека нашето разбирање на вселената доаѓа од нашето разбирање на светлосните зраци. Па сепак, видливата материја во вселената претставува само дел од тоталната маса за која се знае дека постои.

„Знаеме дека 90% од материјата во вселената не може да се види. Бидејќи не може да се види, затоа ја нарекуваме темна материја. Никој не знае што е темната материја, бидејќи не може да се види, вели Тинг.

Но, ако не може да се види, тоа не значи и дека не може да се детектира, додава Тинг. Судирот на темна материја со темна материја може да создаде честици, и, ако се пресмета нивниот број, на крај се утврдува дека вкупниот збир е повисок од она што се очекува кога би се мереле само обичните космички судири на зраци.

Збирот, вели Тинг, дава назнаки за невидливиот дел на вселената.

А, што со антиматеријата? Тинг дава вакво објаснување:

„Доколку вселената настанала од Големата експлозија или Биг бенг, пред Биг бенг имало вакуум. Ништо не опстојува во вакуум. Така, на почетокот, ако има електрон, мора да има и позитрон, за да има баланс во набојот. Значи, ако има материја, мора да има и антиматерија. Во спротивно, не би настанале од вакуум“.

Тројца од шестчлениот екипаж на Ендевор веќе биле на мисија во вселената со леталото. Астронаутот Грегори Чамитов ја подвлекува симболиката дека Ендевор било првото летало што со себе понело дел од Меѓународната вселенска станица кога се градела, а сега го носи детекторот, што е последниот поголем дел од нејзиниот надворешен хардвер.

„Тоа говори за учинокот на целата шатл-програма, не само Ендевор“, вели Чамитов.

НАСА планира годинава да ја пензионира целата шатл-флота, за да може да се фокусира на наредната генереција вселенски летала.

Лансирањето на Ендевор е закажано за 19-ти април.

XS
SM
MD
LG