Македонскиот филм „Исцелитетел“, националниот кандидат за Оскар, доаѓа во Вашингтон третирајќи проблематика актуелна и во САД. Приказната е поврзана со марихуаната, имено „тајната состојка“, во која многумина бараат спас за своите проблеми. Организатор на филмската проекција е Обединетата Македонска Дијаспора.
„Многу е добро што филмот се прикажува во главниот град на САД, во центарот на културата... И особено е клучно овој период заради тоа што по гласањето во ноември многу држави ја легализираа марихуаната. И темата на филмот е токму медицинскиот канабис и мислам дека доста термински е погодено емитувањето во овој период“, вели Мето Колоски, претседател на Обединетата Македонска Дијаспора.
Режисерот Ѓорче Ставревски вели дека проекцијата организирана од Обединетата македонска дијаспора ќе помогне и за поголема дистрибуција на филмот низ САД.
„Треба да се прикаже тој филм пред нашата дијаспора, пред нашите луѓе, за да го видат. Среќен сум што одлучија да помогнат во дистрибуцијата на филмот. Ние се` уште чекаме и преговараме со големи дистрибутерски куќи во Америка. Сакаме да имаме поголемо, пошироко прикажување на филмот“, вели Ставревски.
Проекцијата е закажана за 19-ти декември во киното Landmark’s E Street Cinema.
Помеѓу Македонците во Вашингтон има голем интерес за македонскиот филм кој што досега успеа да освои голем број награди на многу фестивали ширум светот. Организаторите очекуваат полна сала на филмската проекција во Вашингтон.
И покрај интензивната промоција во Холивуд, „Исцелител“ не влезе меѓу филмови кои ќе се натпреваруваат за „Оскар“. Сепак, ова филмско остварување донесе многу награди и голема промоција на Македонија ширум светот.
Од Обединетата македонска дијаспора велат дека филмот „Исцелител“ ја поттикнал идејата во Вашингтон во иднина да се организира и македонски филмски фестивал.
„Поради оваа проекција дојдовме до заклучок дека би сакале да го донесеме во Вашингтон истиот Македонски филмски фестивал во Торонто, во чии рамки сме дел од спонзорите. Во Вашингтон има фестивали од сите етнички групи, а немаме од македонската страна“, вели тој.
Колоски посочува дека повремено во Вашингтон се прикажуваат македонски филмови, но преку еден нов фестивал тоа би станало редовна практика.
Facebook Forum