Линкови за пристапност

Адвокатите на Младиќ предупредуваат на неговото нарушено здравје


Адвокатите на Младиќ предупредуваат на неговото нарушено здравје
Адвокатите на Младиќ предупредуваат на неговото нарушено здравје

Ратко Младиќ наводно претрпел неколку мозочни удари и може да умре пред судењето, тврди Милош Саљиќ

Понеделникот беше последниот ден кога Ратко Младиќ можеше да поднесе жалба по судската одлука за негово испорачување во судот во Хаг.

Неговиот адвокат, Милош Саљиќ најави дека жалбата ќе ја достави по пошта, потенцирајќи дека Младиќ во меѓувреме претрпел неколку мозочни удари и дека е премногу болен за да се отпочне каква било судска постапка против него.

Тој неговата здравствена состојба ја опиша како алармантна, барајќи да се спроведе истрага од страна на независни медицински експерти.

Но, обвинителите жалбата ја нарекоа „тактика за одоговлекување“ и очекуваат екстрадиција на Младиќ во Хаг во рок од четири дена. Тие додадоа дека 69-годишниот поранешен генерал, кој беше уапсен минатата недела, е доволно здрав за да се соочи со судење по неколку основи, вклучувајќи го и обвинението за геноцид.

Младиќ порекна дека е виновен, а беа организирани и протести против неговото апсење. Во судирите со полицијата беа приведени околу 180 лица, десетина беа повредени.

Опозиционата Српска радикална партија вели дека про-западната влада потпаѓа на притисокот на САД и ЕУ, заради аспирациите за членство во унијата.

Но, во интервју за холандско јавно радио, српскиот претседател Борис Тадиќ ги порекна обвиненијата.

„Ова не е заради притисокот од политичарите од Холандија, ЕУ или од каде било. Ова е поради нас. Поради нашите вредности. Живееме во регион каде треба да помириме еден со друг. Живееме во земја каде треба да го воспоставиме владеењето на правото“, истакна Тадиќ.

Тадиќ истакна дека сака да дознае како Ратко Младиќ успеал да остане во бегство цели 16 години.

„Како ја организирал заштитната мрежа? Кој го заштитувал? Битно е да се изврши истрага врз луѓето кои биле вмешани во негова заштита, дали тие се од редовите на армијата, полицијата? Сигурен сум дека на почетокот тој бил заштитен од вакви луѓе, како офицери во пензија и полицајци“, вели Тадиќ.

Истрагата по случајот само што започна.

XS
SM
MD
LG